Денеска пресуда за Мухамед Зеќири

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде објавена пресудата за поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, во која тој се товари за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Застапникот на обвинението, обвинителката Катерина Коларевиќ во завршните зборови рече дека осомничениот Мухамед Зеќири без да спроведе јавна набавка, директно склучувал договори со правни лица кои работеле под сомнителни околности.

Процесот, како што образложи, почнал кога на предлог на вицепремиерот Фатмир Битиќи, Владата заклучила дека е потребно да се спроведе постапка за да се направи физибилити студија во врска со македонски пошти и Железници Транспорт, а задолжен за постапката бил Мухамед Зеќири во улога на генерален секретар.

Обвинителката му предложи на судот да спроведе постапка за конфискација на имотот, но и на парични средства пронајдени во сефот кај сопругата на осомничениот, со образложение дека тие претставуваат парични средства на обвинетиот.

Одбраната посочи дека Јавното обвинителство не доставило доволно докази за да докаже дека осомничениот со директна умисла ги правел активностите, а во текот на постапката се покажало дека Мухамед Зеќири само спроведувал постапки исклучиво по наредба на Владата, а врз основа на одлуки донесени од Владата. Во однос на предлогот на обвинителството за одземање на средствата на сопругата на осомничената, одбраната оцени дека тоа би било незаконски и нечовечки затоа што осомничениот доставил писмени докази за потеклото на тие средства.

Зеќири се изјасни за невин и рече дека само извршувал активности за кои бил задолжен со одлука на Владата.

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири се товари дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.