Меѓународниот конзорциум на производителот на возила „Стелантис“ денеска ја потврди одлуката за производство на својата идна верзија на моделот Fiat Panda со погон на струја во Србија, што во неделата во Белград соопшти претседателот на Србија Александар Вучиќ за време на посетата на iталијанската премиерка Џорџа Мелони, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој план на Фиат предизвика жестоки протести на италијанските синдикати загрижени за судбината на работните места во италијанските фабрики на компанијата, пренесе АФП.
Fiat Panda се произведува во фабриката Pomiliano D’Arco во близина на Неапол, а електричната верзија се очекува во средината на 2024 година.
Сегашната верзија на „Панда“, која се произведува во Италија, целосно ги задоволува потребите на голем број корисници, особено на Италијанците, изјави портпаролот на „Стелантис“ и пренесе дека „не мисли дека ќе биде во конкуренција со моделот што ќе се произведува во Србија, кој ќе биде на друга платформа и различно позициониран“.
МИА