Им благодарам на овие луѓе кои се појавија на овој протест. Но, не се доволни да го променат македонскиот правен систем, рече Нермина Кочан, која беше меѓу малкумината граѓани на протестниот собир.
Десетмина возрасни и две деца дојдоа на протестот во Градскиот парк во Скопје кој беше најавен како изразување граѓанско незадоволство и барање правда против извршителите на убиствата на ученичката Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Протестот се најавуваше на социјалните мрежи, а официјално немаше најавен организатор.
Малкумината граѓани својот револт го изразија до држење запалени свеќи во рацете и оддавање почит кон Вања и Панче со минута молчење.
„Им благодарам на само 12 луѓе овде, кои се појавија на овој протест. Дванаесетмина не се доволни да го променат македонскиот правен систем, кој е целосно деструктивен“, рече Нермина Кочан, која беше меѓу малкутемина граѓани на протестниот собир.
Меѓу присутните имаше и членови од политичката партија Европско граѓанско движење. Рекоа дека не се организатори на настанот и дека на собирот дошле како граѓани.
„Жал ми е што само толку малку луѓе дојдоа денеска да изразат незадоволство што таков монструозен чин е направен. Требаше да има многу повеќе, зашто сепак станува збор за невин живот, за младо дете. Ако за вакви работи не се крене гласот, ако не се протестира, за жал, ќе ни се повторат. Сепак праќаме една голема порака, дека против ваквите случаи треба да се протестира на многу повисоко ниво и да се реагира превентивно“, рече Селами Саити, Генерален секретар на Европско граѓанско движење.
VOA