21 украдени икони и пронајдени во Албанија ќе бидат вратени во Македонија

Овој петок, 21 од украдените и потоа пронајдени икони во Албанија ќе бидат вратени дома, со што ќе останат уште дваесетина икони кои незаконски беа изнесени од државата, изјави во интервју за порталот frontline.mk министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска.

– За нивното враќање потребно е да се завршат процедурите. Ова е резултат на билатералните договори за соработка во областа на културата, но и на одличната комуникација која ја имаме со моите колеги од државите во регионот, напомена Стојчевска.

Во ноември минатата година беше потпишан договор за соработка меѓу Албанија и Македонија за враќање на незаконски изнесените икони во земјата на потекло. Со истиот беше предвидено враќање на 20 икони кои пред десетина години беа нелегално изнесени од земјата, а постапката беше предвидено да се финализира по ратификација на Договорот во двете држави. Со ова се отвори процесот за враќање и на други икони од Албанија.

Историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски од МАНУ тогаш откри дека во еден период од 2008 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, од каде што се однесоа стотици икони.

frontline.mk