РСЕ: Опожарената Пошта цела деценија чека пари за поправка

Шест директори и две влади не „собраа“ ни сили ни пари за обнова на опожарениот објект на Пошта кој изгоре пред една деценија. Власта се надева на европски пари за ревитализација на симболот на градот од постземјотресно Скопје. Во меѓувреме Пошта издвои 1,2 милиони евра за тендер за чистење.

За три месеци ќе се реновира изгорената Пошта, беше насловот на многу текстови објавени во 2013 година, веднаш по пожарот во кој изгоре главната зграда на Дирекцијата на македонската пошта. Десет години подоцна и сменети 6 директори во празниот објект расте само трева.

Објектот изграден за да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што целосно го разурна во 1963 година, вака руиниран веќе една деценија станува симбол на системската негрижа за државниот имот и културното наследство.

Овој објект се најде на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети на листата на Еуроностра. Објектите кои се избрани на оваа листа добиваат помош во форма на експертизи, ресурси и можност за аплицирање за инвестициски грантови.

Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство Еуроностра и неговата партнерска организација, Европска Инвестициoна Банка овој објект како загрозено културно наследство го констатира во април 2021 година. И откако европските институции ја означуваат оваа зграда за загрозено културно наследство, македонските власти ја впишуваат во својот регистар на културно наследство дури шест месеци подоцна како „Споменичка целина Нова пошта“.

За споредба, во регистарот се заведени како културно наследство објектите од проектот „Скопје 2014“ во истата годината кога се пуштени во употреба, додека Дирекцијата на Пошта речиси една деценија откако изгоре.

Меѓународните експерти заклучија дека објектот на Централната Пошта во Скопје е од витално значење за бруталистичкото архитекстонско наследство во Скопје и општо во Европа, но и дека моментално се наоѓа во неповолна состојба.

Овој објект е многукратно наградуван и признаен не само во земјава туку и надвор од границите на државата. Бил дел од многу домашни изложби и со години се изучувал на Архитектонскиот факултет при УКИМ, каде се правени и истражувања за негова ревитализација.

Децениски ветувања за обнова на опожарената Пошта, реализација нема

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека за негова ревитализација се размислува со години и дека наскоро се очекува да привршат активностите на работната група на Министерството за култура и Македонска пошта.

„Мислам дека се во финална фаза на елиминирање на правните недостатоци, што не овозможуваа досега да се интервенира и оти во догледно време, ќе дојдат со предлог до Владата и веќе да почне да се реализира инвестицијата. Инаку, таа ќе биде преку европски фондови, што, едноставно сакаат да ни помогнат, тоа што е културно наследство, да го зачуваме“, изјави Битиќи.

Но, ваквите ветувања за обнова на опожарената зграда, јавноста ги слуша со години ама не гледа реализација.

Шест директори најавуваа санација – никој не ја спроведе

Од пожарот до сега се сменија 6 директори на Македонска пошта и две влади и никој од нив не покажа интерес во целост да го реконструира и заштити ова културно наследство, туку напротив беше оставен да пропадне.

А ветувања за реконструкција и огласи за тендери во овие десетина години има неколку. Првиот тендер е во времето на Рафиз Алити од ДУИ, во јули 2013 година за испитување на бетонската конструкција на опожарената зграда и го добива Градежниот институт ад Македонија Скопје, во вредност од 5 илјади евра. Тој со оваа институција раководеше до 2015 година.

Само пет месеци по пожарот на Бирото за јавни набавки беше објавен и оглас за реконструкција на објектот во кој беше посочено дека ќе се направи адаптација на просторот со најави дека шалтерски дел од фоајето ќе има нова функција.

Тогаш беше најавена и реконструција на уништениот мурал и очекувањата беа дека за една година ќе завршат градежните работи. Тогашениот директор Алити во 2014 година изјави дека очекува за три месеци куполите да бидат целосно обновени, посочувајќи дека во тек е тендерска постапка. Алити за Шалтер салата изјави дека до него е пристигната иницијатива да се пренамени и во неа да се сместат шалтерите на повеќе државни институции бидејќи само Пошта како институција нема потреба од толкава сала.

 

sobodnaevropa.mk