Бугарија ќе се откаже од таксата за руски гас во замена за влез во Шенген зоната

Бугарија ќе се откаже од таксата за транзит на руски гас низ нејзината територија во замена за повлекување на забелешките кои ги имаат Австрија и Холандија за приклучување на земјата во Шенген зоната, соопштуваат бугарските медиуми. Преговорите околу тоа се водат во Словенија помеѓу министрите за надворешни работи на Австрија, Бугарија и Романија, објави Телма.

Според бугарските медиуми, од спорната такса која предизвика зголемување на цената на природниот гас на европската берза воопшто не бил собран никаков приход во бугарскиот буџет, што ги тера да веруваат дека целта за нејзино воведување од самиот почеток била да се искористи во преговорите за Шенген.

Информацијата дека Бугарија е подготвена да се откаже од спорната такса ја соопштија Бојко Борисов и Кирил Петков, при што Борисов оцени дека земјата е многу блиску до влез во Шенген зоната.

Медиумите кај источниот сосед пренесуваат дека ако откажувањето на Софија од таксата резултира со влез на земјата во Шенген, тогаш со тоа ќе се одговорат цела редица прашања зошто министерот за финансии Асен Василев инсистираше да биде воведена. Воведувањето на таксата беше жестоко критикувано, особено поради нејасната цел на мерката и како воопшто ќе функционира.

извор: Телма