Успехот на една заедница се мери во тоа колку таа заедница е обединета и колку е вклучена во општествените текови во една држава. Тоа е рецептот како да се здобие почит, како да се даде придонес и како да се избориш за себе и за своите луѓе.
Македонците во Србија се заедница која низ годините и децениите со својата вредна работа и со својата лојалност и посветеност изградила доверба и заслужено уважување во Србија. Тие се нашиот најдобар мост за соработка помеѓу народите и двете држави.
Денес имав можност да видам Македонци тука во Србија, да поразговарам со нив и да заклучам дека тие како и Србите во Македонија се чесни и вредни луѓе, домаќини кои придонесуваат за земјата во која живеат, но и за земјата која е нивна татковина.
Љубовта кон својот народ и кон својата земја е голема, и треба да биде сила која човекот го мотивира да направи нешто кое ќе значи негов личен успех, но и успех на заедницата на која и припаѓа.
Македонија во иднина ја гледам како земја пријател, но и партнер со Србија кои ќе се борат кој повеќе ќе направи за благосостојбата на своите граѓани, бидејќи само таква здрава компетенција и натпревар може да придонесат за општото добро на регионот.
Македонците во Србија се нераскинлив дел од овдешните општествени текови и како што можам да слушнам се исклучително почитувани, што мене многу ме радува. Ме радува секој успех на Македонците било каде на светот, но посебно би ме радувало да го видам тоа и во Македонија. Македонците умеат да ги препознаат политиките кои водат кон успех и тие политики да ги поддржат. Морам да истакнам и да потенцирам дека имаме како ВМРО-ДПМНЕ одлична сестринска соработка со политичката партија СНС.
Тоа се двете партии кои се борат за своите земји. Кога ќе ги прашаш Србите, тие ќе ти речат дека Македонците се вреден и питом народ кој придонесува и тоа ме прави посебно горд.
Верувам дека Македонците тука во Србија секогаш даваат поддршка на напредокот, на проектите и делата затоа што така прават вистински избор за себе и за своите деца, но и за земјата во која живеат. Тие дела лесно може да се проверат и да се измерат, било да се работи за инфраструктура, патишта, болници, детски градинки или да се работи за економски резултати како привлекување на инвестиции, нови фабрики и работни места.
Резултатите секогаш се гледаат и излегуваат на виделина. Некој ќе се обидува да ги покрива со маглата на дезинформациите но секој човек најдобро може да почувствува по себе и по својот живот што е добро, а што не. Не би сакал да правам паралели, но само сакам да потсетам, дека кај нас во Македонија пред 6 години јавноста беше залажувана со розови лаги за подобар живот, од луѓе кои никогаш ништо не сработиле и не направиле. Тие лаги сега распукаа како меур од сапуница и затоа Македонија се доведе во ситуација да биде на дното по сите економски параметри во регионот. Кога демагозите ќе стивнат, останува само горкото чувство дека ништо не сработиле.
Vesnik-ilinden.com