„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“. Ова е една од клучните пораки во Декларацијата што вчера (13.12) ја усвоија лидерите на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Потсетувајќи на Агендата од Солун и декларациите од Софија, Загреб, Брдо и Тирана, ЕУ во Декларацијата уште еднаш ја потврдува нејзината целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западниот Балкан во Унијата и повикува на забрзување на пристапниот процес, врз основа на кредибилни реформи од страна на партнерите и врз принципот на сопствени заслуги, објави DW.
Иако во декларацијата не се спомнува Северна Македонија, очекувањата се јасно изразени во точката 6, каде „ЕУ ја истакнува потребата партнерите од Западен Балкан да се определат за инклузивна регионална соработка и јакнење на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ“.
„Спроведувањето на билатералните договори со добра волја и конкретни резултати останува значајно, вклучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Сѐ уште се неопходни одлучни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и пронаоѓање и спроведување на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите, вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи (…) ЕУ исто така ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците и еднаквиот третман на припадниците на малцинства“, се вели во овој дел од Декларацијата.
Можеше да биде победнички ден…
Самитот ЕУ-Западен Балкан се одржа еден пред самитот на врвот на ЕУ, на кој денес и утре европските лидери ќе разговараат и за политиката на проширување. Но, РСМ го дочекува тој самит без завршни обврски од Преговарачката рамка. Еден ден пред самитот ЕУ-Западен Балан се одржа состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, во чии заклучоци се поздравува успешното завршување на скрининг-состаноците, но се посочува и дека следната меѓувладина конференција ќе биде свикана штом Северна Македонија ќе ги спроведе уставните измени.
Премиерот Димитар Ковачевски во неговото вчерашно излагање на самитот ЕУ-Западен Балкан истакнал дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен да ја исполни својата ЕУ-агенда, соопшти владината прес-служба.
„Овој ден за Северна Македонија можеше да биде победнички ден, во кој земјата по успешниот скрининг успешно и брзо продолжува со отворање на поглавјата и евроинтеграцискиот процес. Огромна е штетата што опозицијата во земјата е главен кочничар на европската иднина на државата. Граѓаните со денешниот ден и конкретно можат да се уверат дека со вакви анти-ЕУ и анти-Нато позиции на опозиција, тие ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство“, рекол Ковачевски.
Тој во своето излагање ја нагласил поддршката на ЕУ како клучна во справување со енергетската криза минатата година, што за Северна Македонија било можност за градење побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина. „Тоа е однос со партнер кој ние го вреднуваме и во кој веруваме, споделуваме вредности и сакаме да сме дел од заедничката иднина“, рекол македонскиот премиер за партнерството со ЕУ.