Полицаец доби условна, Ченто докажа дека незаконски бил „фрлен“ во притвор

Апелациониот суд – Скопје ја потврди пресудата на Кривичен дека полицискиот службеник, кој во mart 2018 година напишал бепешка дека притвореникот Јане Ченто не ја почитувал мерката куќен притвор, која му беше одредена поради предметот „27 април“ и во моментот на проверката не бил дома, лажел. Се констатира дека службеникот од МВР фалсификувал исправа, во која внел невистинити информации. Поради ова, пак, Ченто доби ефективен притвор и беше однесен во затвор.

Со горните дејствија обвинетиот Андреа Ѓорѓиески од Прилеп сторил кривично дело фалсификување службена исправа, па судот му изрекува условна осуда. Така што, му утврдува казна затвор од траење од една година и шест месеци и истовремено определува дека вака утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот за време од три години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, стои во пресудата.

Пресудата е и образложена од судовите.

На 30.03.2018 година, обвнетиот Андреа Ѓорѓиески како службено лице – униформиран полициски службеник во ПС Прилеп, во службената исправа внел невистинити податоци и таквата исправа ја употребил во службата како да е вистинита, со што му нанел штета на оштетениот Јане Ченто, на начин што истиот ден околу 11 часот, обвинетиот согласно дневниот распоред за работа, и по насока на дежурниот полициски сменоводител со патничко возило се упатил кон куќата во која живеел оштетениот Јане Ченто во Прилеп, со насоки да достави решение за продолжување на мерката куќен притвор и да изврши проверка…“, стои во пресудата.

За семејството на Ченто, иако задоцнета, оваа пресуда е само уште еден доказ дека случајот „27-ми април“ е монтиран без фер судење.

Она што го кажував јас пред 5,5 години дека мојот син го приведоа повторно во Шутка, незаконски, без никаков доказ, а службеното лице од МВР што дојде тука го пријави како отсутен, дека не е дома, дека бил излезен во тој момент. И наредниот ден тие дојдоа повторно, го зедоа и го вратија во Шутка, така што оваа Пресуда за нас е надеж дека понатаму ќе излезе вистината во целост, вели за „Алфа“, таткото на Јане, Коле Спиркоски.

Пред критичниот ден кога Јане од куќен притвор повторно беше вратен во Шутка имало неколку кратки полициски проверки. Меѓутоа, во ниту една од нив немало директна комуникација со притвореникот за службеникот да заклучи дека тој не бил дома. Ниту заѕвонил, ниту викнал. Но затоа веднаш бил известен надредениот старешина, како и одговорниот судија дека лицето не било дома. Како доказ, семејството уште веднаш ги стави на увид и снимките од безбедносните камери на кои јасно се гледа дека Јане е дома.

Сè беше залудно. Јане беше вратен во Шутка каде повеќе од две години помина низ пеколна тортура и тоа ниту една пресуда нема да го надомести. Ќе бараме повторно судење. Ние не бараме милостиња. Бараме правично и фер судење за да се докаже дали ние навистина имаме терорист дома, односно моментално е во затвор, или вистината ќе излезе на виделина дека нема никакво дело, сето наместено за „27-ми април“. Сето тоа е измислица на власта, објаснува Спиркоски.

Обвинетиот полициски службеник е осуден условно на 18 месеци, во наредните три години да не направи ново кривично дело. Јане Ченто првично беше осуден на 15 години затвор, па казната му е намалена на 13. Тој веќе 6,5 години е во затвор. Инаку, сега веќе принудно пензионираната обвинителка Вилма Рускоска, пред неколку дена јавно кажа дека воопшто не се кае за драконските казни за сите осудени за настаните од „27-ми април“, бидејќи им биле заслужени, рече таа.

извор: Република