Обвинителство не открива што покажала обдукцијата на Вања и Панче

Обдукциските извештаи за убиените, 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот велешанец Панче Жежовски кои беа пронајдени мртви на 3 декември во околината на Скопје и Велес, пристигнале во обвинителството. Од таму информираат дека наодите се дел од истрагата која Основното јавно обвинителство Скопје ја води против Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за убиствата на Ѓорчевска и Жежвовски. Палевски е во притвор во Турција и се чека неговата екстрадиција. Уште петмина други осомничени се во притвор во истражниот затвор во Шутка.

Истрагата за убиството на девојчето и велешанецот започна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.

Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето бидејќи споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка. Мерка притвор има и за Стефан Димковски, возачот кој беше подоцна откриено дека му помогнал на Палевски при бегството односно го возел од Србија до Турција.

Пред десет дена шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, вели дека материјалните докази во истрагата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски одат во насока на тоа што тројца од осомничените го зборувале во исказите пред полицијата и обвинителството.

Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември. Нејзиното тело беше пронајдено 3 декември во близина на Скопје. Во близина на Велес, пак, истиот ден беше пронајдено телото на Жежовски кој исчезна на 22 ноември.

Извесно е дека неколку месеци може да трае постапката за екстрадиција Палевски од Турција кој е во 40-дневен екстрадициски притвор во Турција, информираа од Министерството за правда на брифинг.

 

Оттаму рекоа дека македонската страна во експресно краток рок завршила со подготовката за испараќање на барањето за екстрадиција и сега се зависи од турските власти.

Зборувајќи за овој случај, американската амбасадорка во интервју за емисијата „Стадион“ на Канал 77 рече дека системот не успеал да ѝ помогне на младата Вања додека Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговори дека мора да има менување и консолидација на системот, а тоа мора да се прави брзо и ефикасно.

Од обвинителството денеска соопштија дека наодите од обдукцијата нема да ги објават јавно.

 

Извор:слободнаевропа