Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) до крајот на месецов ја започнува постапката за префрлање во новиот објект кој беше целосно реновиран и прилагоден за потребите на обвинителството, информира денеска Јавното обвинотелство.
Обиколка на зградата во која во иднина ќе биде сместено ова обвинителство вчера извршиле јавниот обвинител Љубомир Јовески и основниот јавен обвинител на ОЈОГОКК Ислам Абази.
Со одлуки на Владата во 2012 и во 2021 година, делот од поранешната зграда на Државниот архив му беше доделен на трајно користење на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Градежните работи за реконструкција и адаптација на објектот започнаа во 2016 година, но кон крајот на 2022 година конечно беа спроведени сите активности за обезбедување на потребна документација за спроведување на јавна набавка за градежни активности неопходни за непречено преселување на обвинителството во новите простории.
Објектот е опремен преку Инструментот за претпристапна помош н ЕУ (ИПА), а дел од опремата и мебелот се преземени и од поранешното Специјално јавно обвинителство. Во новите простории на ОЈОГОКК ќе биде сместена и современа форензичка лабораторија опремена со поддршка на Амбасадата на САД. Во објектот на приземје и два ката, покрај работните простории за јавните обвинители и стручната служба, има посебен дел каде што ќе биде сместен Истражниот центар на ОЈОГОКК, сала за сослушување на деца-жртви и заштитени сведоци, како и конференциска сала, информира ЈО.