Во Албанија повторно е организиран протест со повик на пратениците од опозицијата од Демократската партија на Албанија (ПД) и опозициските пратеници надвор од пратеничките групи, јавува Анадолу.
Протестот се одржа пред седиштето на Врховниот суд на Албанија додека судот го разгледуваше случајот за судирите во Демократската партија на Албанија (ПД) за раководството и официјалното претставување на оваа партија.
Со транспаренти со натписи „Опозицијата е дух, а не печат“ и „Печатот може да го купиш, но опозицијата никогаш“, демонстрантите, поддржувачи на поранешниот премиер Сали Бериша, тврдат дека ДП е предводена од Бериша.
Во својот говор на протестот, зборувајќи и за судирите во ДП и непризнавањето од институциите за лидер на ДП, поранешниот премиер Бериша рече дека „овој чин се случува само за да имаат Албанија без опозиција“.
„Има ли денес слободен човек што не прифаќа дека Демократската партија, печатот, седиштето им припаѓаат на демократите и само на демократите. Има ли денес слободен човек што верува дека судовите, а не демократите, треба да одлучуваат чии се Демократската партија, нејзиниот печат, нејзиното лого, кој е претседател на Демократската партија?“, рече Бериша.
Потоа групата демонстранти се упати кон седиштето на владејачката партија, Социјалистичката партија на Албанија и булеварот „Маченици на нацијата“.
Дел од демонстрантите фрлаа факели и го блокираа сообраќајот.
Прашањето за печатот, логото и службеното застапување на ДП, по неколку рочишта во Основниот суд на Тирана и во Апелација, заврши во Врховниот суд на Албанија бидејќи нејзиното раководство го бараат и поранешниот премиерот Бериша и Љуљзим Баша. Парламентот на Албанија и другите институции го признаваат Баша за официјален лидер на ДП.
Во моментов Бериша е официјално признат од Парламентот на Албанија како пратеник надвор од пратеничките групи, поради неодамнешните судири во ДП.
Во меѓувреме, Врховниот суд на Албанија во соопштението објавено за денешната седница за случајот во ДП соопшти дека судот одлучил предметот да го врати на повторно разгледување во Апелациониот суд на Тирана.
Во последните недели опозицијата во Албанија организираше неколку протести.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.