Од 31 март на граѓаните на Романија и Бугарија нема да им требаат пасоши за да патуваат со авион или преку море во повеќето други земји-членки на ЕУ, како и во Норвешка и Швајцарија, објави Европскиот совет на 31 декември.
На Романците и Бугарите ќе им треба пасош при преминување на копнените граници во соседните земји-членки на ЕУ.
Со одлуката на Европскиот совет се проширува Шенген зоната на 25 од 27 членки на европскиот блок.
Шенген зоната ги вклучува и Норвешка и Швајцарија, кои не се дел од ЕУ, но ги исклучуваат Ирска и Кипар.
На 30 декември австриските медиуми објавија дека Виена го повлекла ветото и се согласила на документ кој ќе овозможи безвизен влез по воздушен и морски пат за Романија и Бугарија, што би можело да биде првиот чекор кон членство во Шенген зоната.
Документот содржи и три австриски услови за полноправно членство, меѓу кои е зголеменото присуство на Агенцијата за гранична заштита на ЕУ Фронтекс во Романија и Бугарија, како и дополнителни средства од Европската комисија за заштита на надворешните граници и зголемени проверки на надворешни копнени граници на блокот.
Советот на ЕУ на ниво на министри за внатрешни работи во декември минатата година се согласи со влезот на Хрватска во Шенген, но одлуките за Бугарија и Романија беа одложени.
Австрија го блокираше приемот на овие две земји со образложение дека тие се слаби во напорите за борба против илегалната миграција на нивните територии.