Бесими за масовните вработувања: Имаше заклучок на Влада оние со договор на дело во сите институции да добијат редовно вработување

Масовното распишување огласи за нови вработувања во пресрет на двојните избори годинава министерот за финансии, Фатмир Бесими, го оправда со одливот на кадар од институциите, но рече и дека имало заклучок на Влада, со кој сите институции во кои има вработени со договор на дело да им дадат можност за редовен работен однос, особено на квалитетните работници. Последниве две недели речиси и да нема јавна институција што не објави оглас за нови вработувања за разлика од истиот период минатите години кога немало избори, па речиси и да нема огласи за нови вработувања.

„Ќе почнам од институцијата на која јас сум одговорен. Има одлив на кадар од Финансии и тоа треба да се надополни. И тоа не само сега. Ако гледате наназад, на шест месеци сме имале огласи затоа што има одливи. Секоја година има значителен одлив. 2022 година имало 67, 2023 година четириесет и нешто, 2021 година и имало 56 одливи од Финансии. Втор момент што важи за сите институции, имаше заклучок на Влада и потоа одлуката се спроведуваше за сите институции во рамките на буџетот на исто нивно на плати, така што оние што беа на определено време повеќе од две години да може да добијат статус во редовен работен однос. Но, тоа преку јавен оглас, на конкурентен начин. Ова е дел од таа поширока реформа затоа што се констатира дека на оние што се со определено време им треба сигурност на работното место за да привлечеме поквалитетни кадри. И тоа беше за сите институции“, објасни Бесими.

Тој нагласи дека и покрај впечатокот на јавноста за превработеност во јавната администрација, бројот на административците последниве години е во опаѓање. Од 87.000 во декември 2021 на 84.200 во септември 2023. Министерот, оправдувајќи ги масовните вработувања во овој период, рече дека секоја институција е должна да најде начин да ги привлече ефикасните работници оти „за секое работно место деветмина други чекааат“, смета дека со реформите и во јавниот сектор треба да се најде начин за контрола на ефикасноста како во приватниот сектор, каде што секогаш ќе се најде некој менаџер што ќе каже дека не може да работат така на оние што се неефикасни и непродуктивни, но ги држат работните места во јавниот сектор.