Брод кој пловел под романско знаме синоќа удрил во потпорен столб на мостот на граничниот премин Бачка Паланка, по што потонал натоварениот шлеп.
На шлепот имало вештачко ѓубриво кога удрил во мостот, потврдија од Полициската управа во Нови Сад.
Шлепот почнал да прима вода и набрзо потонал. На местото на настанот покрај полицијата излегла и противпожарната единица, бидејќи првата дојава била дека бродот потонал, но за среќа се испоставило дека само бродот-шлеп завршил на дното на Дунав. Засега не е познато како дошло до несреќата, а истрагата ќе ги утврди деталите.
Бродот пловел од Австрија кон Смедерево. Бродот со шест членови на екипажот е закотвен и над него се врши инспекциски надзор. Информирана е и хрватската страна бидејќи сообраќајот во тој дел бил запрен.
За инцидентот е информиран Секретаријатот на Владата на АП Војводина, а засега не е познато како огромното количество вештачко ѓубриво во водата ќе влијае на животната средина.
За несреќата на Дунав се огласија и властите во хрватскиот град Илок. Тие наведуваат дека мостот меѓу Илок и Бачка Паланка бил оштетен при ударот на шлепот, а наведуваат дека товарот го превезувал германски брод.
„Во раните утрински часови, околу 1.55 часот, германски товарен брод кој превезувал товар со шлеп удрил во столб од мостот меѓу Илок и Бачка Паланка, при што е нанесена штета на мостот, а еден шлеп со 1.000 тони ѓубриво потонал. Сите членови на екипажот се добро, а товарниот брод и другиот шлеп се неоштетени“, стои во објавата на официјалната Фејсбук страница на Градот Илок.