Руски народни рецепти за нега на лицето

Русинките важат за едни од најубавите жени на светот. Но, веднаш треба да подвлечеме дека овој факт не се должи само на генетиката и на временските услови (студеното време ги конзервира клетките и го забавува нивното стареење), ами и на постојаната нега. Russia Beyond-Македонија ви претставува неколку народни рецепти за маски за нега на кожата на лицето кои и вие можете да ги направите во Македонија. Згора на тоа, тие се и природни.
Маските за лице претставуваат мошне силен извор на кислород, витамини, како и на други средства за навлажнување и прихрна на кожата на лицето. Народните маски имаат ефект кој брзо ја тонизира, ја освежува, ја потсушува или ја навлажнува кожата, а нивната постојана употреба гарантира намалување на борите и исчезнување на акните и на другите недостатоци на кожата.

За разлика од оние што се продаваат во продавниците и во козметичките салони, домашните маски се лесно достапни и економични, а многу често даваат и подобар резултат од скапите козметички средства.

Маски за нормална кожа

Маска од белка

Измешајте една белка од јајце со една супена лажица овесно или пченкарно брашно. Потоа смесата матете ја додека не добиете пенеста конзистенција. Нанесете ја смесата на лицето и оставете целосно да се исуши. Маската симнете ја со помош на дискови за лице. Потоа лицето најпрво исплакнете го со топла, па уште еднаш со ладна вода. Ваквата маска од јајца одлично ја чисти и ја зацврстува кожата и тенот станува мат.

Маска од зеленчук

Оваа маска се прави со сезонски зеленчук, мошне е едноставна и полна е со витамини кои се мошне важни за здрава кожа. На ситно ренде изрендајте модар патлиџан, тиквички, цвекло, зелка, целер. Убаво измешајте за да добиете еден вид кашичка. Смесата нанесете ја на кожата на лицето и оставете да дејствува 15 минути. Потоа во леген ставете вода и додајте неколку капки лимонов сок. Со ваквиот тоник измијте го добро лицето.

Млечна маска

Во сад ставете една супена лажица слатка урда, додајте една кафена лажица растително масло и една супена лажица млеко. Додајте и прстофат сол. Убаво измешајте за да добиете мазна смеса. Маската држете ја на лицето дваесетина минути. Потоа измијте ја со слаб топол црн чај, кој дополнително ќе ја затегне вашата кожа.

Маски за сува кожа

Маска од синап

Во мал сад измешајте една кафена лажичка мелен синап и растворете го со мало количество млака вода за да добиете своевидна паста. Потоа додајте една лажичка растително масло (најдобро маслиново, пченкарно, кокосово или бадемово). Ваквата маска рамномерно нанесете ја на лицето, но бидете внимателни да не ги допрете областите околу очите поради дејството на синапот. Оставете ја маската да дејствува 5-7 минути и измијте ја со топла вода. Потоа лицето лесно поминете го со памучен пешкир и задолжително нанесете хидратирачки крем.

Медена маска

Земете две јајца и разделете ги белките од жолчките. Во помал сад со виљушка изматете ги жолчките со две кафени лажички мед и две супени лажици растително масло (најдобро бадемово или масло од сусам). Пред да ја нанесете на лицето смесата треба малку да ја загреете. Нанесете еден слој на лицето, па по пет минути уште еден и повторувајте ја процедурата сè дури не ја потрошите маската. По последниот слој оставете ја да дејствува уште 10 минути, а потоа измијте го лицето со топла вода без сапун.

Маска од липа

Земете една супена лажица суви цветови од липа и прелијте ги со зовриена вода, покријте го садот со капак и оставете да поседи 30-40 минути. Потоа прецедете ја течноста и во неа додајте 2 супени лажици овесно брашно за да добиете конзистенција малку погуста од тесто за палачинки и додајте една супена лажица маслиново масло. Доколку имате при рака додајте и по 2-3 капки витамин А и Е. Маската нанесете ја на кожата на лицето и оставете ја да делува 15-20 минути. Потоа измијте го лицето само со топла вода.

Маски за мрсна и проблематична кожа

Маска од пекарски квасец

Земете една чајна лажичка обичен пекарски квасец и додајте три супени лажици кисело млеко (доколку немате кисело млеко можете да користите кефир или јогурт), една чајна лажичка лимонов сок и пет капки 3% раствор на водород пероксид (хидроген). Добро изматете ја масата за да добиете пенеста конзистенција. Потоа нанесете ја маската на лицето и држете ја 10-12 минути. На крајот исчистете го лицето со козметички дискови со ладна вода.

Лимонова маска

Добро изматете една белка од јајце и во неа додајте ситно изрендана кора од лимон (уште подобро доколку кората ја измелете и во машинка за мелење кафе), една кафена лажица сок од лимон и една супена лажица овесно брашно. Смесата добро измешајте ја и нанесете ја на лицето, масирајќи ја кожата со кружни движења. По 15 минути измијте го лицето со ладна вода.

 

imk.russialove.com