Плусинфо: Се спрема партиска егзекуција на директорката на Кардиолошки – Одбива да го прими единствениот кичевски кардиолог под партиски диктат

0
69

Министерството за здравство во следните две недели би можело да ја смени Елена Ковачевска Башуроска од функцијата в.д. директорка на Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид, објави plusinfo.mk.

Ковачевска Башуроска е еден од најпосветените лекари во оваа здравствена установа, која е една од најуспешните приказни во јавното здравство во Македонија. Таа е врвен анестезиолог со субспецијализација во областа на кардиологијата. Добро упатените велат дека специјализираната болница во Охрид има една од најдобрите интензивни неги во земјата, што се потврди и за време на ковид-кризата, кога оваа институција беше претворена во ковид-центар во кој успешно се третираа најтешки случаи.

Дека Министерството за здравство има валкан план за Елена Ковачевска Башуроска се виде кон крајот на минатата година, кога беше распишан конкурс за директор на Специјализираната болница, а таа се пријави како единствен кандидат. Доколку нешто било спорно со конкурсот, Министерството можело да го поништи и да распише нов. Но, наместо тоа, ресорот одлучил Ковачевска Башуроска да ја назначи за в.д. директорка.

Причината за отпорот на Министреството, но и на партиите Алијанса за Албанците и СДСМ, кон оваа посветена лекарка, за која нејзините колеги имаат само најдобри зборови, е што таа одбива да вработи млад кардиолог од Кичево во охридската болница.

– Сите знаат дека директорката нема никакви предрасуди кон Албанците. Впрочем, во Специјализираната болница има двајца кардиолози и неколку медицински сестри Албанци. Тоа можеби е недоволно, но Ковачевска Башуроска не сака да вработува под партиски диктат и непотребно да трупа кадар. Во охридската болница веќе работат 30 кардиолози, што е сосема доволно. Освен тоа, колклу што ми е познато, младиот Албанец од Кичево, за кого се врши притисок да се префрли во Охрид, е единствениот кардиолог во тој град. Не е ли подобро за јавното здравство и Кичево да има кардиолог? Како и да е, Ковачевска Башуроска не сака да попушти и да прави гнили компромиси и затоа сега е на листата за отстрел – тврди наш извор од Министерството за здравство, кој сака да остане анонимен.

Ресорот веќе формирал тричлена комисија, којашто треба да го испита работењето на Специјализираната болница во Охрид, а комисијата побарала документација од болницата.

– Тоа е стандардна шема кога некому треба да му се најде „црно под ноктите“. Ќе се бараат административни пропусти во работењето и слични глупости, само за да се дојде до причина да се избрка директорката. Со други зборови, се бара изговор да се изврши уште една партиска егзекуција – вели нашиот извор.

Плусинфо дознава дека врз Елена Ковачевска Башуроска притисоци вршеле луѓе од врвот на СДСМ, но таа била доследна и на сите им одговорила – ако сте запнале, слободно сменете ме!

извор: plusinfo.mk