Управата за јавни приходи (УЈП) ги демантира наводите кои денеска ги изнесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ оти УЈП не постапила или воопшто немала увид во случајот со мрежа на компании кои преку фиктивни фактури црпеле милионски суми од Буџетот по основ на поврат на ДДВ. Од Управата ги оценија за невистинити ваквите наводи, посочувајќи дека во моментов надлежните институции го испитуваат случајот.
УЈП остро ги демантира наводите од страна на ВМРО-ДПМНЕ во кои се изнесуваат невистини за работата на УЈП и постапката којашто ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем. Изнесувањето неточни и лажни информации од страна на ВМРО-ДПМНЕ со кои се манипулира и доведува во заблуда јавноста нанесува штета на работењето на УЈП“, се наведува во соопштението на УЈП.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека компании преку фиктивни фактури црпеле милиони од Буџетот, откако подолго време со фиктивни фактури црпеле пари по основ на поврат на ДДВ. Обвинија оти челниците на УЈП или знаеле и молчеле за целиот случај или немаат увид.
Ваквите навови подоцна од владејачката СДСМ ги отфрлија како невистинити, велејќи дека случајот со мрежа нафтени компании кои сакале да го изиграат системот и да извлечат пари од Буџетот бил откриен токму од УЈП и од директорката Сања Лукаревска, а повеќе детали најавуваат за в понеделник.