Заедничкото богатство на петте најбогати луѓе во светот се зголемило повеќе од двојно, од 405 милијарди долари во 2020 година, на 869 милијарди долари. Во истиот период повеќе од 5 милијарди луѓе станале посиромашни, објави групата за борба против сиромаштијата Оксфам.
Извештајот на Оксфам, објавен во седмицата во која бизнис и политичката елита се собира на Светскиот економски форум во Давос, покажа дека милијардерите сега се акционери во 7 од 10-те најголеми светски компании.
На 15 јануари, Оксфам ги повика владите да ја ограничат корпоративната моќ преку разбивање на монополите, наметнување даноци на големиот профит и богатство и промовирање алтернативи за контрола на акционерите, како што се облиците на сопственост на вработените.
Се проценува дека 148-те најголеми корпорации забележале профит од 1,8 милијарди долари, или 52 отсто повеќе од тригодишниот просек, дозволувајќи им на акционерите да ги искористат придобивките, а милиони работници да се соочат со кризи на трошоците за живот додека инфлацијата ги намали платите.
„Оваа нееднаквост не е случајност. Класата на милијардери се грижи корпорациите да им обезбедат поголемо богатство на сметка на другите“, рече шефот на Оксфам, Амитаб Бехар.
Форумот во Давос е основан како одбрана од „акционерскиот капитализам“, за кој се вели дека ја дефинира корпорацијата не само како максимизирање на профитот, туку како нешто што ги исполнува „човечките и социјалните аспирации како дел од поширокиот општествен систем“.
„Она што сигурно го знаеме е дека денешниот екстремен систем на акционерски капитализам, кој дава приоритет на зголемувањето на приходите за богатите акционери, ја поттикнува нееднаквоста“, изјави Макс Лосон, шеф на политиката за нееднаквост.
Зголемувањето на богатството за време на инфлацијата предизвика првите пет милијардери да заработат големи приходи. Најбогатите луѓе во светот кои ги удвоиле приходите се сопственикот на „Тесла“, Илон Маск, шефот на LVMH Бернард Арно, сопственикот на „Амазон“, Џеф Безос, ко-основачот на „Oracle“ Лари Елисон и инвеститорот Ворен Бафет.
Во меѓувреме, поради инфлацијата, платите на речиси 800 милиони работници во последните две години ширум светот се намалени, се наведува во извештајот на Оксфам.
Извор:slobodnaevropa.mk
фото:slobodnaevropa.mk