Од опозицијата го критикуваа дека нема легитимитет, бидејќи не добил поддршка од граѓаните на избори, туку единствено доверба од Заев. Стапи на премиерската функција во тежок период, обременет со четири кризи – енергетска, епидемиска, економска и евроинтеграција. Знаеше дека неговата влада ќе биде во трка со времето и најави „работа веднаш“, објави dw.com.mk.
Се заложи да престанат политичките, етничките и социјални поделби, да престане говорот на омраза и поттикнување песимизам.
„Да ги тргнеме личните и теснопартиските интереси настрана, бидејќи сега повеќе од било кога мора да соработуваме во интерес на граѓаните“, порача Димитар Ковачевски пред две години.
Ни тогаш, ни потоа, не го спореше начинот на кој е „претставен“ во јавноста.
„Многумина ме карактеризираат како технократ. Во ред. Се нафатив на оваа обврска и одговорност, не затоа што е лесно и убаво, туку затоа што е тешко и затоа што сум убеден дека мора да се најдат решенија. Во Владата ќе понудам концепт на управување и работа кој нема да објаснува зошто нешто не може да се заврши и колку е тоа тешко, туку модел во кој секој ќе знае што, како, кога и зошто ќе работи. И ќе се мерат резултатите на сработеното, а не на плановите. Бидејќи од ветувања и надежи не се живее”, порача Ковачевски пред две години.
Резултати во економија, фијаско со евроинтеграцијата
Две години подоцна, како се мери сработеното?
Според аналитичарот Џелал Незири, Владата на Ковачевски во текот на изминатите две години, постигнала неколку значајни резултати во областа на инфраструктурата и економијата.
„Започна со изградба на Коридорот 8 и 10д, има пораст на странски инвестиции, намалена стапка на невработеност, покачување на минималната и просечната плата, на пензиите и така натаму. Но потфрли во две клучни области: интеграција во ЕУ и борба против корупцијата“, оценува Незири.
Посочува дека неказнивоста и протекционизмот придонеле кон распространување на корупцијата и организираниот криминал, а се случиле и неколку скандали за кои нема праведен и правен епилог. Но и фијаско на планот на ЕУ-интеграцијата.
„Целиот процес на спроведување на Францускиот предлог на крај заврши во ќорсокак, при што земјата продолжува да тапка во место во моменти кога ЕУ е спремна да трча кон неа. Отсуството на реален дијалог со опозицијата, ексклузивниот пристап во решавање на спорот со Бугарија, како и макијавелистичките обиди за изгласување на уставните измени, резултира со враќање на блокадата во евроинтеграциите, при што земјата не успеа да ги отвори првите поглавја во преговарачкиот процес. Ова фијаско потоа беше проследено со понатамошно деградација на правосудниот систем на државата, при што во неколку наврати реагира и странски амбасади“, потсетува Незири.
„Ако би требало да дадам оценка од 1 до 5, на оваа влада би ѝ дал 2+“, вели тој.
Трет технички премиер
Ковачевски денеска (25.01) нема да добие свидетелство со оценки, туку ќе поднесе оставка за да се отвори пат за формирање на техничка влада задолжена за спроведување на изборите. Талат Џафери, ќе биде третиот премиер на тeхничка/преодна влада според моделот кој за првпат беше воведен за изборите во 2016 година, како обврска од Договорот во Пржино од 2015 година. Прва техничка влада, воедно и рекордер во стажот, е преодната влада предводена од Емил Димитриев, избрана на 18 јануари 2016 година и распуштена на први јуни 2017 година. Бидејќи имаше две одложувања на изборите, техничката влада на Димитриев функционираше цели 16 месеци. Техничката влада предводена од Оливер Спасовски, функционираше осум месеци. Изборите кои првично беа закажани за април 2020 година, беа одложени поради ситуацијата предизвикана од Ковид-19, и потоа поместени во јули.
Според роковите, целата процедура за избор на новата техничка Влада треба да заврши до 28-ми јануари на полноќ.
Како иден мандатар на техничката влада, Џафери вчера најави дека до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада, доколку од ВМРО-ДПМНЕ до него достават предлози за министри и дополнителни заменик-министри. Оваа позиција е различна од онаа на премиерот во заминување, кој пред неколку дена изјави дека министерските и дополнителните заменик-министерски места кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Текстот во целост на:dw.com.mk