Обраќање на координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски. Обраќањето го пренесуваме во целост:
Почитувана македонска јавност,
Почитувани граѓани и претставници на медиумите,
Почитувани колеги пратеници,
Денес е голем ден.
Ден во кој што оваа власт, продолжува пополека но сигурно, дел по дел, функционер по функционер, да се руши како кула од карти. Процес кој што започна вчера со Ковачевски, продолжува денес, а ќе заврши на денот на изборите во мај.
Денешната седница е продолжение на неславниот крај на оваа власт која што во изминативе 7 години ја уништи државата, го урниса и ги приватизираше институциите, ги осиромаши граѓаните, ја клекна македонската економија на колена односно накратко кажано, создаде девастиран и нефункционален државен систем кој што секојдневно го гледаме дека пука по сите рабови и јасно ги покажува свои аномалии и недостатоци.
Зошто го велам и тврдам ова, ќе ми дозволите да Ви образложам во следниве неколку минути.
Ќе зборувам исклучиво со аргументи, факти и бројки кои се јасни како бел ден и нема бегање.
Имено, јас како координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која впрочем е најголемата и најбројната пратеничка група овде во Собранието имам целосно право денес од оваа говорница, на денот кога се избира претседател на Собрание, пред целата македонска јавност да направам 4 годишна ретроспектива и да се обидам да ја претставам неработата и нефункционалноста на овој законодавен дом во изминатиов мандат.
Денес, после 4 години мандат на ова владејачко мнозинство, кое наместо како во секоја нормална држава и парламентарна демократија, да зборуваме за законодавен дом кој успешно ја вршел својата работа и контролна функција над извршната власт, наместо да зборуваме за безброј плодни и аргументирани дискусии и јавни дебати помеѓу пратеници и експертите, наместо да зборуваме за тоа кој колку добри законски решенија во корист на граѓаните успеал да донесе и изгласа, за жал ние денеска можеме само да зборуваме за законодавен дом кој што е непресушен извор самоволие и парламентарно насилие.
Ова повеќе не наликува на законодавен дом, туку на дом на меѓупартиски и меѓукоалициски пазари и договори на штета на граѓаните на дневно ниво.
Имено, слободно можам да кажам дека во овој мандат, кој што впрочем ги брои последните денови и месеци, видовме се’ и сешто, но не видовме едно европско Собрание кое што треба да биде цврст столб на една европска држава со европска демократија. Не видовме место каде што преку дебата и инклузивност на сите политички чинители и народни претставници во Собранието, ќе се носат решенија кои ќе го подобрат животот на граѓаните и општеството во кое што живееме.
Речиси секогаш, приоритет пред интересот на граѓаните, општеството и државата, имаа интересот на поединци и коалициските пазари помеѓу партиите на власт, кој што резултираа со носење на многу штетни одлуки во време кога државата и граѓаните се соочуваа со сериозни предизвици и кризи.
Токму затоа, со цел појасна слика и оценка на работата и состојбата во која се наоѓа нашиот законодавен дом, јас ова 4 годишно раководење со Собранието под водство на СДСМ и ДУИ, сликовито би го поделил во два дела.
Во првиот дел, како клучна и реална причина за ситуацијата во која што се наоѓаме, би ги ставил преседаните кои што се случуваа овде во Собранието.
И вториот дел, тоа е делот на погубната статистика и злоупотреба на Собранието, кои што доведоа и допринесоа токму ова Собрание да биде најнедемократското и најнетранспарентното Собрание во досегашната 30 годишна политичка историја и плурална демократија во државата.
Ќе започнам со преседаните кои што ова парламентарно мнозинство некогаш свесно, а многу ретко и несвесно, по инерција ги правеше на дневна основа.
Иако оваа листа со преседани е прилично долга, во интерес на времето, би издвоил неколку:
– Деловникот за работа на Собранието, кој е таканаречен Устав на ова Собрание, како никогаш досега е погазуван и непочитуван, и тој повеќе речиси да нема никаква вредност и тежина. Го применувавте селективно, само тогаш кога и како Вам ви одговараше, во зависност од дневно политичките прилики и потреби и добро е што донесовме нов деловник да завршат практиките со стариот.
– Исто така, во многу наврати покрај кршењето на Деловникот, имавме класично кршење и непочитување и на Етичкиот кодекс за однесување на пратеници;
– А во неколку наврати, во срцето на демократијата, во законодавниот дом кој што треба да е чувар и пример за почитување на законите, беше погазуван и прекршуван и Уставот на Македонија;
Тука го поставувам прашањето, дали постои подобар и поголем пример од овие преседани за тоа колку несериозна, недемократска и извитоперена власт имаме во државата во моментов?!
За жал, одговорот е повеќе од јасен.
Продолжувам понатаму,
– За првпат во историјата на ова Собрание, се соочивме со ситуација овој законодавен дом да ги заклучи вратите на пленарната сала и со тоа да го ограничи правото на слободно движење на пратениците, само заради тоа што парламентарното мнозинство не можеше да си обезбеди кворум за работа и гласање на нивните закони;
– Исто така за прв пат во нашата 30-годишна плурална и парламентарна демократија, опозициски пратеник доби судска пресуда за искажан збор од собраниска говорница, што претставува еклатантно и срамно кршење на уставно загарантираното право, на секој пратеник да говори по сопствено убедување, право кое што впрочем му е обезбедено со пратеничкиот имунитет. А зад имунитет се криеја други функционери. Парадоксално малку, нели колеги?
– Праксата на криење на амандмани во фиока односно отфрлање на амандмани продолжи и понатаму без притоа да има оправдано образложение, исто така како и претходно.
– Исто така, транспарентноста на оваа власт беше табу тема. За многу важни државни и национални прашања кои ние како претставници, добивавме нецелосни и половични информации на еден лист хартија, додека вистинските документи и информации се криеја и од нас и од очите на целата македонска јавност.
– За жал, овде во срцето на едно демократско општество, бевме сведоци и на обиди за физички пресметки, за кои срамот да биде уште поголем, немаше никаква одговорност и разрешница.
– Во овој мандат видовме и закани и уцени кон пратеници. Тие станаа заштитен знак и алатка за функционирањето на ова парламентарно мнозинство.
На крајот од денот, за сите овие преседани зад вас, Вие ќе останете запаметени како парламентарно мнозинство со највеќе скандали и преседани во просек на ден. Тоа е суровата реалност, колку и да не сакате да ја видите и признаете.
Продолжуваме понатаму со вториот дел,
Ние пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како директни учесници, одвнатре, бевме сведоци во нефункционирањето на Собранието, и го гледавме постојаното урнисување на кредибилитетот на Собранието од страна на парламентарното мнозинство предводено од коалицијата на СДСМ и ДУИ.
Факт е дека како никогаш досега, работата на Собранието не била толку критикувана, како од Европската комисија, така и од сите релевантни меѓународни институции, невладини организации и јавноста.
Од друга страна, додека насекаде се фалите со инклузија на опозицијата и сите политички чинители во работата на Собранието, реалноста е сосема друга.
– Имено, во овој мандат, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата има поднесено 60 закони, од кои најголемиот дел од нив се одбиваат уште пред да се отвори дебата по истите, односно на самиот почеток на седницата не се усвојува потребата од носење на овие закони.
– Самото тоа говори колкави и какви се демократските капацитети на целото ова владејачко мнозинство кое очигледно се плаши да ги соочи аргументите со опозицијата. Нагласувам, од 60 поднесени закони од ВМРО-ДПМНЕ, прифатени се само три. Ако ова е демократија, навистина не знам што и како би било да не е демократија!
– Исто така, од наша страна се поднесени 5 информации, кои што се уште не виделе бел ден и уште стојат на отворени седници.
– Ист е случајот и со Декларации и Предлог одлуки, кои што се ставаат на дневен ред и никогаш не доаѓаат на ред за разгледување. Класична злоупотреба на власта за замолчување на гласот на народот.
– Во овој мандат, поднесовме и 6 интерпелации за работата на министрите и други избрани и именувани лица, кои нанесоа штета на државните и национални интереси.
Тие никогаш не дојдоа на дневен ред.
Почитувани,
Потфрливте во клучната обврска, задача и цел на Собранието, а тоа е да како пратеници, вршиме контрола и надзор над извршната власт, која впрочем ние ја бираме.
За тоа, парламентарното мнозинство е директен виновник за неодговорното и непрофесионалното однесување кон законодавниот дом и кон државата од страна на извршната власт.
– Злоупотребата на европското знаменце стана секојдневие. Ова Ви го кажа и Европската Унија, не само ВМРО-ДПМНЕ. Но, бадијала, продолживте понатаму.
Лепењето на европско знаменце на секој еден закон кој што нема никаква врска со усогласување со европската регулатива, стана Ваш добро познат механизам за протнување насила и набрзина на лошите законски решенија, со што ги заобиколувате пропишаните собраниски процедури и јавни дебати.
– Од почетокот на мандатот, во 2020 година, поднесени се 747 закони, 425 закони биле по скратена постапка, повеќе од половина закони се по скратена постапка. Тоа доволно говори за демократијата и работата во Собранието.
Ова ли е транспарентноста и развивањето на здрава дебата во законодавниот дом според вас. Ако е така, браво за Вас!
Овие бројки беа нотирани во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија дополнително цитирам дел од Извештајот:
“Бројот на закони донесени по скратена постапка, се зголемил од 38 % на 59 % на сметка на важни дебати и инклузивен законодавен процес. Употребата на скратени процедури треба да се ограничи “, затворен цитат.
Сето ова се факти кои што се не може да се заобиколат или побијат. Јасна е целта на власта и парламентарното мнозинство на секој можен начин, демократски или недемократски, да ја замолчат опозицијата.
Почитувани,
Ова е сликата и состојбата во Собранието која што Вие, еве речиси на крајот на Вашиот мандат ја оставате позади Вас.
Урнисавте и погазивте речиси се’ што може да се урниса и погазивте речиси се, а да биде трагедијата уште поголема, продолжувате јако по удолницата и не запирате.
Сепак, цела среќа во оваа несреќа е тоа што многу брзо од денес, оваа рашамонијада конечно ќе заврши.
Јас лично, како координатор на најголемата пратеничка група во Собранието, искрено посакувам, но сепак не очекувам драстична промена и подобрување на односот и состојбите овде во Собранието.
Ова го кажувам бидејќи гледајќи ги ветувањата од 2020 година за голема транспарентност, судир на аргументи и дебати, здрав однос помеѓу власт и опозиција, кој ги слушнавме сите ние 4 години подоцна, сите тие зборови и ветувања се покажаа како празни и невистинити. За сето она што ветувавте овде од оваа говорница, го направивте токму спротивното.
Ова мнозинство покажа огромна неконзистентност во ставовите, демонстрираше клиентелизам и политички акробации и внатре во својата владина коалиција, но и пред јавноста, се со една цел, а тоа е одржување и задржување на гола власт по секоја цена.
Ги ставивте на прво место Вашите интереси и национални отстапки, пред традицијата, историјата и практиките, но и пред ставовите и барањата на граѓаните. Свесно одбравте да не го слушате гласот на народот.
Искрено посакувам и се надевам дека овие зборови и забелешки, новиот кандидат за претседател на Собранието детално ќе ги проанализира. Колку-толку има време да направи одредени отстапки и промени кон подобро, иако и тој е директно, но и индиректно учесник во сите овие настани, активности и процеси за кои говорев пред малку.
На крајот, во името на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, сакам да кажам дека токму поради ова кое што го кажав, кандидатот за Претседател на Собранието на Република Македонија, сепак нема да ја добие нашата поддршка при гласањето.
Колку и да се обидуваат да поправат нешто на крајот, сепак не можеме да забораваме што се случуваше овие 6 години.
Нема да добие поддршка затоа што во Македонија во минатото било и добро, но никогаш не било полошо!
извор: ВМРО ДПМНЕ