Вчерашниот ден помина во знак на сеќавање на легандарниот музичар Тоше Проески, со низа телевизиски емисии по повод неговиот роденден. Како подарок за неговите обожаватели беше промовирана неговата песна „Кажу да време лечи све”, за која демото било снимено во 2004 година, а во повеќе емисии гостуваа негови блиски пријатели и соработници, кои споделуваа заеднички искуства и спомени со пејачот.
Во низата настани во знак на неговиот роденден, се надоврза и иницијативата на повеќе градоначалници низ Македонија, за основните училишта да ја набават книгата „Ова не е крај“ посветена на животот и делото на Тоше Проески, чиј автор е новинарката Соња Алексоска Неделковска и преку неа да ги запознаат младите со ликот на Тоше и на тој начин да се негува неговото дело. Книгите би биле во училишните библиотеки и достапни на секој ученик.
Книгата беше промовирана на 25 јануари 2014 година, токму на роденденот на Тоше, во тираж од 3.000 примероци кој бргу се распродаде, а печатницата „11 Октомври“ отпечати второ издание во 1.000 примероци пред две години.