Европски сојуз за промени: Да се испита зошто Груби доделил пари на невладини организации блиски до ДУИ

0
101

Европскиот сојуз за промени бара Финансиската полиција и Основното јавно обвинителство да откријат кои се вистинските причини поради кои Артан Груби им доделил средства на невладини организации блиски до ДУИ, под какво образложение биле пуштени тие средства и, најважно – каде средствата завршиле.

Како што претходно објави Радио Слободна Европа, државен советник во Министерство за култура и поранешен пратеник на ДУИ, вработени во Министерството што го раководи Артан Груби, поранешен член на ДИК, вработена во општина Струга, но и советничка за протокол во владата се дел од луѓето кои добиле државни пари за невладини организации во кои се основачи, објави slobodnaevropa.mk.

Европскиот сојуз за промени е коалиција составена од опозициските партии на Албанците, „Демократско движење“, „Беса“ и „Алтернатива“.

„За да биде сомнежот поубедлив дека се работи за перење пари служи и фактот што дел од овие луѓе, кои ги раководат со овие организации, се и официјални донатори на ДУИ. Тоа налага да се мисли дека се работи за сериозна финансиска манипулација, бидејќи од една страна се чини дека Артан Груби издвојува државни пари за овие организации, а од друга страна истите пари се враќаат во ДУИ“, се вели во соопштението од Европскиот сојуз за промени.

Од Сојузот велат дека после 8 мај годинава ќе иницираат истражна постапка за овој предмет.

Според истражувањето на Радио Слободна Европа, вкупно 335 илјади евра се распределени на 33 организации, односно по речиси 10.000 евра за секоја поединечно кои ќе треба да ги потрошат за спроведување на предложените проекти заклучно до 30 јуни годинава.

Критериумите за огласот укажуваат дека невладините организации требало да бидат основани најмалку една година пред објавување на јавниот оглас.

Но, она што е проблематично е по кој критериум се избрани. Еден од критериумите во јавниот оглас е во последните 3 години да имаат реализирани проекти со други организации или институции – но дел од добитниците се организации се помлади од три години, објави Радио Слободна Европа.

Совет за комуникација на Влада со граѓанското општество е нефункционално откако Министерството за политички систем ја доби задачата на Генералниот секретаријат на Влада да одредува кои проекти на невладините организации ќе добијат пари од државниот буџет.

Советот, кој повеќето невладини го бојкотираат веќе две години, претставува микс помеѓу функционери од различни институции и претставници од невладиниот сектор. Советот беше формиран во 2018 година од владата предводена од СДСМ и ДУИ, која тогаш во јавноста се промовираше како Влада која го цени мислењето на невладиниот сектор и значително повеќе комуницира со граѓанските организации во однос на претходниот владин состав, кој дури вршеше притисоци врз дел од граѓанските организации.

Бојкотот почна кога надлежноста за доделување на државната помош премина во Министерството за политички систем.

извор: slobodnaevropa.mk