Новиот тетовски муфтија не може да влезе во канцеларијата

Продолжуваат тензиите во тетовското муфтиство. Новиот муфтија избран од ИВЗ, Селвер Џемаили, денеска се обиде да влезе во канцелариите на муфтиството, но наиде на затворени врати и отпор од досегашниот муфтија Ќани Несими.

По тензиите, пред муфтиството се појави и полицијата, барајќи од граѓаните да се разотидат, а земаа изјави и од Џемаили и од Несими.

Судирите во тетовското муфтиство почнаа откако Ријасетот во Скопје одлучи да го разреши муфтијата Ќани Несими.

Според ИВЗ, Несими поднел жалба во Управниот суд, но му била одбиена. Сепак и покрај тоа Несими продолжил да ја извршува функцијата.

Во соопштението на ИВЗ се вели:

Разрешувањето на Ќани Несими е направено поради неговата деструктивна активност.
– Од моментот кога ги загуби изборите на 9 ноември 2020 година со резултат 18 спрема 3, не успеа да го надмине разочарувањето од поразот и веднаш почна да се дистанцира со највисоките тела на ИВЗ;
– Непријавувањето и немањето координација со највисоките органи за прашања од областа на денационализацијата на имоти, резултираше со губење на неколку објекти во Арабати Теќе и 12.000 метри квадратни како и фонтаната кои во катастарот се веќе запишани на име на Тетекс;
– Јавното навредување на највисоките органи со најпогрдни зборови и тешките неаргументирани клевети го кршат Уставот на ИВЗ и неговите нормативи;

Несими, од друга страна, го обвинува ИВЗ дека го разрешиле противуставно и затоа не ја прифаќа одлуката.

„Муфтиството на ИВЗ, огранок Тетово, едногласно донесува одлука со која не ја признава и не ја прифаќа незаконската и неуставна одлука за именување на т.н. в.д. муфтија.“

Пред неколку дена, ИВЗ му го одзеде и правото за потпишување на муфтијата на Тетово. Според информациите на Алсат од ИВЗ, се очекува случајот наскоро да биде решен.