Костадиновска Стојчевска: 50% поевтини влезници за студентите во сите национални установи од културата

0
131

Денес, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, потпиша меморандум со претседателот на студентското собрание при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” – Александар Николовски, кој ќе придонесе за зголемување на присуството на студентите во културната сфера во нашата држава.

„Според новата регулатива, сите студенти кои што приложат индекс со заверен семестар, ќе имаат право на намалување од 50% на влезниците за сите национални установи. Она што досега беше регулирано по установи, сега го регулираме на ниво на цело министерство со тоа што на локалните установи ќе им укажеме за оваа мерка, а потоа тие ќе одлучат како ќе постапат. Младите се во фокус од самиот почеток на мојот мандат. Тоа го предвидов и во Законот за култура кој е во процес на изработка, каде предвидовме категории со нула работно искуство за да им овозможиме на студентите веднаш да се вработат во некоја од националните установи“, истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната прес – конференција.

Оваа иницијатива им овозможува на студентите да го истражуваат културното богатство на земјата, да бидат дел од различни настани и да ги прошират своите хоризонти и видици.

Поволностите ќе може да ги користат во вкупно 68 установи или поточно во: 5 Библиотеки, 16 Центри за култура, 8 Театри, 5 Заводи и музеи, 12 Музеи, 2 Спомен куќи, 3 Галерии и 17 Уметничко – сценски установи. Така наместо да плаќаат 500 денари за билет за претстава во МНТ, ќе плаќаат 250 денари со стапување на сила на меморандумот.

Ова не е само финансиско олеснување за студентите, туку и можност за нив да стапат во контакт со различни аспекти на културата. Оваа иницијатива им дава можност на младите луѓе да развиваат своите таленти и интереси, што може да им помогне во нивната лична и професионална кариера во иднина.

Со тоа ќе се поттикне интересот кон културата и ќе им овозможи да го истражат богатството што го нуди нашата држава. Културата има моќ да отвори нови хоризонти и погледи, и со оваа иницијатива се создадава подобра културна заедница.

Примерот од Европа со кој се охрабруваат и се воведуваат младите во културната сфера, а со тоа им даваат правец и се едуцираат резултираше со голем успех и младите ги врати на вистинска патека. Идејата за потпишување на овој меморандум е за иста цел, да ги насочи младите кон вистинските вредности и како правилно да го искористат своето слободно време.