Министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека од 12 февруари патните документи со старото име нема да важат. За граѓаните кои треба да се вратат во државата а не ги смениле документите, тој напомена дека треба да бидат во комуникација со дипломатско конзуларните претставништва, преку кои ќе бидат упатени за понатамошна постапка. Тој нагласи дека се гледа и можноста за рефундација.
Јас пред неколку дена бев искритикуван затоа што бев брутално искрен со граѓаните. Реков да не ги лажеме граѓаните бидејќи Преспанскиот договор не може да се смени. Лидерот на опозицијата велеше дека ќе достави претставка до Уставниот суд, за потоа да дојдат до тоа што јас го кажав дека треба да се реорганизираме за да им помогнеме на граѓаните. Ќе има дежурна екипа во Министерството која што ги прифаќа тие телефонски повици, нека се јават на тој број, ние ќе ги упатиме, ќе им укажеме што треба да направат, рече вечерва Османи во своето гостување на ТВ21.
На прашање дели во моментот има такви повици, Османи посочи дека има, но очекуваат да се зголемат како се приближува рокот.
Тој потврди дека од 12 февруари патните документи со старото име нема да важат. Како што рече, Грција ги има информирано сите држави, дека тој пасош е неважечки.
Ние веќе се реорганизираме во МНР. Имавме комуникација со сите дипломатско конзуларни претставнишатва, праќаме луѓе на испомош, се организираме на двосменско работење за да им излеземе во пресрет на тие што ќе имаат потреба да се вратат во државата и да бараат патен лист, додаде Османи.
Тој рече дека новиот премиер на првата седница формирал работна група за да се изнаоѓаат решенија кои што се развија во неколку сценарија, од можноста државата да компензира за тие кои имаат важечки пасош а заради договорот треба да ги сменат, до можноста за реорганизирање на службите.
Се разгледува и опција за рефундација. Ова беше на првата седница на Владата, на барање на премиерот Џафери и ние сега како работна група од министри треба да му реферираме на премиерот за нашите предлози како сметаме дека може да им се излезе во пресрет на граѓаните, додаде Османи.