Финансирањето на вселенската сфера, вклучувајќи ги и платите на првите космонаути, во Советскиот Сојуз се чуваше во тајност. Но, денес точно знаеме колку добиваа луѓето за оваа ризична професија.
Покрај декласифицираните документи, зачувани се и дневниците на еден од раководителите на подготовката за вселенски летови, Николај Каманин, во кои тој не штеди на податоци за тоа кој колку добива. „Мајорот Гагарин, на пример, добива само сто рубли помалку од мене“, пишува тој. Колку тогаш добиваа Гагарин и другите?
Гагариновата награда
Платите на советските космонаути на почетокот на вселенската ера изнесуваа од 350 до 450 рубли месечно (додека просечната плата во СССР изнесуваше околу 80 рубли). Јуриј Гагарин, според дневникот на Николај Каманин „Скриената вселена“, со сите додатоци добивал 632 рубли месечно (во тоа време 575 долари месечно, односно 6,9 илјади долари годишно).
А за првиот лет на човекот во вселената доби премија од 15 илјади рубли, односно 187 просечни плати во СССР.
Исти примања имаа и другите космонаути од првата половина на 1960-тите: Герман Титов, Валентина Терешкова, Андријан Николаев, Владимир Комаров, Алексеј Леонов и други.
Во тоа време космонаутите не беа само наградувани само со пари. За нивната херојска работа добиваа многу „подароци“. На пример, покрај исплатените пари, Гагарин доби и четирисобен стан, целосно наместен и опремен со најсовремена техника. Нему му беше наменет и автомобил „Волга“, кој во тоа време беше исклучително престижен. Само „Чајка“ беше попрестижна од него, но тој автомобил не се продаваше на приватни лица. Патем, од премијата за првиот лет, Гагарин можеше да си купи уште околу три „Волги“.
Освен сето тоа, Гагарин на располагање доби и куќа за родителите. А покрај тоа: капут, костуми и шешири два кроја, по 6 кошули и вратоврски, 6 пара долна облека, по 2 пара чевли, ракавици и воени униформи, куфери и машинка за бричење. Сопругата, децата и родителите на космонаутите добиваа приближно исти такви комплети.
Вистина, многу брзо овој великодушен начин на наградување се промени. Од 1967 година, со одлука на партијата беше воведено рангирање на премиите. Тие зависеа од сложеноста на летот. За обичен лет се добиваше премија од 2 илјади рубли, а летовите кои „решаваа нови задачи во освојувањето на космосот“ (лет околу Месечината, слетување на Месечината и сл.) носеа од 5 до 15 илјади рубли. Така, според висината на примањата, стана јасно дека летовите на космонаутите, кои некогаш беа херојски подвиг, со текот на времето станаа обична работа, иако ризична. Во 1975 година, космонаутот Георгиј Гречко за 30 дена лет со бродот „Сојуз-17“ доби 5 илјади рубли. Тоа е значително помалку од она што го доби Гагарин, но беше доволно за нова „Волга“.
Колку заработуваат космонаутите денес
Дали претходно сте ја виделе оваа фотографија? Таа веќе стана легендарна кога треба да се покаже колку Русите не сакаат да се смешкаат.