Македонија одбележува 152 години од раѓањето на Гоце Делчев

Во чест на 152-годишнина од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, денеска повеќе делегации ќе положат цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Како што соопшти владината прес-служба, цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев ќе положи претседателот Стево Пендаровски.

Цвеќе ќе положи и владина делегација предводена од Бојан Маричиќ, прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

 

4news.mk