Штетни се договорите за изградба на нови централи каде што Владата ќе биде стратешки партнер со странските инвеститори. Револтирани од ваквиот однос, деновиве Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог-закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски. Како што велат денеска на дневен ред на 140. собраниска седница се овие законски измени кои сериозно го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата. Потсетуваат дека законите се усвоени ден пред формирањето на техничката влада.
Професорот и енергетски експерт Атанаско Тунески, кој е дел од Здружение на инженери, укажува дека на странскиот инвеститор ќе му се дадат милионски суми, а за возврат ќе плаќаме трипати поскапа струја. Најмногу забелешки има за договорот со грчки „Митилинеос“, кој треба да гради когенеративна електрана во Гази Баба, за што ќе добие 50 милиони евра државна помош, плус уреден плац вреден 20 милиони евра. Спорно за Здружението е што во согласност со договорот ЕСМ ќе биде обврзана да купува најмалку 85% од произведената електрична и топлинска енергија, по цени тројно повисоки од берзанските.
Законот е скроен на наша штета. Цената на струјата е скапа, подобро е да купуваме на берза струја отколку од „Митилинеос“. Со договор сме обврзани дека мора да му ја платиме таа струја, по цена која е од 15% до 35% поскапа од берзанската. Со овие високи цени, грчки „Митилинеос“ ќе има маржа од 50 милиони евра годишно, а ќарот за нив би бил над 40 милиони евра, вели за весникот ВЕЧЕР, Тунески и дополнува дека со договорот државата се обврзува на Митилинеос да му ги плаќа и давачките за емисија на јаглероден диоксид по 2030 година, кои чинат од 30 до 40 милиони евра.
Договорот ќе биде на сила 30 години, а по истекот инвеститорот не е обврзан да ѝ ја врати електраната на државата. Со вака скроен закон, милионски ќар ќе има само грчкиот инвеститор, сметаат од Здружението на инженери.
Vecer.press