Мирко Попов ќе биде погребан денеска на Градските гробишта „Бутел“

Денеска, 26 март, во 12.30 часот, на скопските гробишта „Бутел“ во Капела 1 ќе му оддадеме почит на прерано починатиот музичар, композитор, текстописец, издавач, диџеј и продуцент Мирко Попов, објави неговата издавачка куѓа „ПМГ Рекордингс“.

Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти години на 20тиот век. Неколкуте авангардни музички револуции во 80-тите, но и неверојатно високиот квалитет на поп музиката од тоа време помагаат да развие здрава љубопитност, разнолик музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што ќе се одрази пресудно во понатамошните одлуки.

Првиот професионален диџеј букинг го добива во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. „Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда со човек“, велеше Попов. Од 2008-ма до 2010-та е и главен и одговорен уредник на Канал 103.

Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 е главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација. Во тој правец се движи и формирањето на ПМГ Колективот во 1995-та од Мирко Попов (и Александра Малевски), како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години ќе прерасне во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции во полето на музиката и урбаната култура. Настаните на ПМГ од 90-те се суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, има можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои атрактивни европски клупски дестинации.

 

skopjeinfo.mk