Крилото на Села предлага нови министри

Внатрепартиските битки во Алијанса за Албанците се вжештуваат. Во официјално соопштение до медиумите од партијата е наведено дека се предлагаат измени на министрите за информатичко општество и здравство Азир Алиу и Фатмир Меџити и на нивно место се предложени Илир Демири кој засега е директор на клиничката болница во Тетово и Наим Бајрами кој е магистер по политички науки.

Во соопштението е наведено дека оваа одлука е донесена од Управниот одбор на Алијанса за Албанците со пет од вкупно седум гласа „за“.

Алиу и Меџити се уште ги извршуваат нивните функции како министри, и вчера изјавија дека нема да поднесат оставки. Нивните изјави доаѓаат откако претходно Кадровската комисија на партијата Алијансата за Албанците соопшти дека донела одлука да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери да ги разреши Алиу и Меџити.

Во меѓувреме закажани се два паралелни состаноци на Централното собрание на партијата, едното во Куманово, а второто во Тетово. Причината е несогласувањето на актуелниот претседател Арбен Таравари и поранешниот претседател на партијата Зијадин Села поради настапот на претстојните избори.

Таравари неодамна изјави дека на овие избори ќе настапува како опозиција заедно со опозициската Беса на Биљал Касами и Демократско движење на Изет Меџити, додека поранешниот лидер на партијата Села бара Алијанса да настапи самостојно на претстојните избори.

На вчерашната владина седница беше донесена одлука за разрешување на директорката на Пошта, Бујаре Абази и на Газменд Абдија од должноста в.д. директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на кои доаѓаат од Алијансата за Албанците.

Ескалацијата на внатрепартиските тензии доаѓа во период кога партијата, која е актуелен партнер во владата, одлучува како ќе се позиционира за претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.

извор: slobodnaevropa.mk