Објавено е интервјуто што рускиот претседател Владимир Путин му го даде на американскиот водител Такер Карлсон

Објавено е интервјуто што рускиот претседател Владимир Путин му го даде на американскиот водител Такер Карлсо, прво интервју на Путин за западни медиуми откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Карлсон, кој често ја критикуваше американската поддршка за Украина и го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „украински макро“ и го спореди со стаорец, беше помалку агресивен во интервјуто со Путин. Тој му се обрати на рускиот претседател со „господине претседател“.

Путин помина повеќе од 30 минути зборувајќи за историјата на Русија, Литванија, Полска и Украина, во монолог кој се протегаше од владеењето на киевски кнез во деветтиот век, до критиките за надворешната политика на Ленин.

Кога разговорот конечно се сврте кон 21 век, Путин ги обвини САД и другите западни земји дека ја продолжуваат војната во Украина.

Мировните преговори со Украина беа „речиси финализирани“, рече Путин, но тогаш Украина „ги отфрли сите овие договори и ги послуша инструкциите на западните земји, европските земји и САД да се борат против Русија до самиот крај“.

Путин како виновник го издвои Борис Џонсон, поранешниот британски премиер кој беше принуден да го напушти британскиот парламент во јуни 2023 година. Путин тврди дека, како премиер, го одвратил Зеленски да потпише мировен договор во раната фаза од конфликтот.

Фактот дека тие (Украина) се покоруваат на барањето или убедувањето на Џонсон, поранешниот премиер на Велика Британија, изгледа смешно“, рече Путин.

Во видеото објавено пред интервјуто, Карлсон рече дека бил поттикнат да разговара со Путин, делумно затоа што американската јавност „нема поим зошто Путин ја нападна Украина или кои се неговите цели сега“. Не е јасно дали нешто од ова сега ќе им биде појасно на Американците.

Во декември, Кремљ рече дека вклучувањето во мировни преговори со Украина е „нереално“, додека Украина рече дека услов за мир е целосно повлекување од територијата окупирана од Русија. Во интервјуто, Путин му рекол на Карлсон дека Русија и САД сè уште разговараат „преку различни агенции“ за ставање крај на војната.

Пораката на Русија до САД, рече Путин, е: „Ако навистина сакате да престанете да се борите, треба да престанете да снабдувате оружје. Се ќе биде готово за неколку недели“.

Путин рече дека последен пат разговарал со Џо Бајден пред Русија да ја нападне Украина.

„Затоа, му реков дека верувам дека правите грешка од историски размери со тоа што поддржувате сè што се случува таму, во Украина, со притисок врз Русија“, рече Путин.

„Досега се слушаа крици за нанесување стратешки пораз на Русија на бојното поле. Но, сега тие јасно сфаќаат дека е тешко, ако воопшто е можно, да се постигне. Според мое мислење, тоа е невозможно по дефиниција. Никогаш нема да се случи. Ми се чини дека оние кои се на власт на Запад сега го сфатија тоа“, рече Путин.

Рускиот претседател, исто така, рече дека нападот на Полска или Латвија не е во интерес на Русија и додаде дека тоа ќе го направи само доколку некоја од тие земји ја нападне Русија.

„Тоа е спротивно на здравиот разум да се вклучи некој вид на глобална војна, а глобалната војна ќе го доведе целото човештво на работ на уништување. Тоа е многу очигледно“, рече тој.

Сепак, Путин, исто така, во јануари 2022 година рече дека нема планови да ја нападне Украина, само неколку дена пред да испрати тенкови и војници преку границата.

Карлсон беше нешто поостар на едно од прашањата, она за новинарот на „Волстрит Журнал“, Еван Гершкович, кој е притворен во Русија од 23 март под обвинение за шпионажа.

Путин тврди дека Гершович (32) бил „фатен на дело додека тајно добивал доверливи информации“ и тврди дека „работил за американските специјални служби“.

Русија е подготвена да разговара за ослободувањето на Гершкович, рече Путин, но додаде: „Сакаме американските специјални служби да размислат како можат да придонесат за постигнување на целите што нашите специјални служби ги следат“.

Белата куќа во декември соопшти дека Русија го одбила предлогот за ослободување на Гершкович и Пол Вилан, поранешен американски маринец кој отслужува 16-годишна затворска казна во Русија под обвинение за шпионажа.

Во видеото објавено пред интервјуто, Карлсон тврди дека го водел интервјуто затоа што „медиумите на англиски јазик се корумпирани – ги лажат своите читатели и гледачи“.

Последен пат Путин даде интервју за западен медиум во 2021 година, кога разговараше со новинар на CNBC. Подоцна престана да разговара со независни медиуми, руски и меѓународни. Од 2021 година тој дава интервјуа само за руски, казахстански и кинески медиуми.

Слободите на медиумите во голема мера исчезнаа во Русија во последните две децении, бидејќи се зголеми притисокот врз независните медиуми и се зголеми ризикот од апсење за домашните и странските новинари кои работат во земјата.

Руските новинари се соочуваат со долги затворски казни за нивната работа. Инвазијата на Путин на Украина, исто така, го забрза уништувањето на независните медиуми. Повеќе од 1.000 новинари ја напуштија земјата, беа покренати голем број кривични случаи против новинари за дискредитација на руската војска или ширење „лажни вести“, а порталите како Ехо Москва беа принудени да прекинат со работа.

На протестот на сопругите на војниците во близина на Кремљ оваа недела, полицијата уапси повеќе од 20 новинари за да ги спречи да известуваат за протестите, што е потег „невиден“ според Репортери без граници.