Група хирурзи од хируршките клиники во комлексот „Мајка Тереза“ се обратиле со допис до редакцијата на Република со кој алармираат дека на хируршките клиники недостасуваат основни лекови и ова претставува сериозен проблем во секојдевната работа. Исто така, согласно информациите со кои хирурзите располагаат, на хируршките клиники во последниве три до четири години нема евиденција и следливост на антибиотиците и опојните дроги, како и основните средства.
Во нивниот допис јавно прашуваат што се случува на хирургија со основните средства, антибиотиците и опојните дроги?
Дали некој води евиденција за нив или и тука како на онкологија нема евиденција кој и како ги користи?
Дали на хируршките клиники се води инспекција за интрахоспиталните инфекции, дали се пријавуваат и дали воопшто и кои мерки се преземени за справување со состојбата?
Дали се точни наводите дека опојни дроги што се наменети и треба да се користат за наши пациенти по непознати канали завршуваат на црниот пазар или во Косово?
Колку контроли се извршени од Министерството за здравство, МАЛМЕД, Фондот за здравствено осигурување и Државниот санитарен и здравствен инспекторат за нивно користење?
Овие прашања ги упатуваат јавно хирурзите до надлежните институции.
Тие посочуваат дека не се согласуваат со начинот на менаџирање во овој сегмент и сметаат дека непрофесионално и со пропусти истото се спроведува.
За крај хирурзите во својот допис додаваат дека има огромен недостиг на медицински сестри и овој недостиг значително влијае на работата, а од друга страна секојдневно има вработување на несуштински кадар – административен, наместо да се зајакнуваат клиниките со медицински кадар.
Па, се поставува прашањето што навистина се случува на Хирургија и дали на повидок и тука имаме „нова Онкологија“?
извор: Република