Села: Се изгласа иницијатива за разрешување на Таравари, ќе се одлучува на конгрес

По околу три часа дебата на членовите на Централното собрание на Алијанса за Албанците (АА), претседателот на ова партиско тело Зијадин Села соопшти е изгласана иницијатива за разрешување на актуелниот партиски лидер Арбен Таравари. За да се одлучува за разрешувањето, пак, повика конгрес на 18 февруари, објави slobodnaevropa.mk.

„Како резултат и последица на оваа одлука (прифаќањето на иницијативата), другата точка беше да се оди на конгрес кој ќе се држи на 18 февруари и на кој ќе се одлучува за иницијативата што ја донесе Централното собрание на Алијанса за Албанците, а тоа е разрешување на претседателот на партијата, господинот Таравари, поради грубо кршење на статутот на партијата и тоа што треба да направи како претседател на партија“, рече Села по состанокот одржан денеска, 10 февруари, во Скопје.

Тој пред медиумите тврдеше дека мнозинството членови на Централното собрание присуствувале односно имало вкупно 108. Од нив, 106 гласале за иницијативата за разрешување, еден имало против, а еден воздржан. Таравари, како што беше и најавено, не се појави.

„Чекавме да дојде претседателот на партијата, господинот Таравари таму каде што припаѓа и каде му е местото, а тоа е на ова Централно собрание како највисок орган помеѓу два конгреси. Не дојде“, рече Села.

Додека поддржувачите на Села дебатираа во Скопје на седница на Централното собрание, Таравари преку социјалните мрежи порача дека неговата кауза е промена, а упати и обвинувања за соработка на Села и неговите поддржувачи со ДУИ.

„Неуспешни се обидите на ДУИ и сценаристот (Артан) Груби да дефокусираат со тоа ’чија е партијата‘. Од денеска повеќе не се занимавам со оваа работа. Секој што има поплаки нека се обрати до судот. Нашата кауза е промената што започнува. 8 мај е секој ден се поблиску“, порача Таравари.

Јавните препукувања и поделбата на партијата на два табори почнаа откако Таравари се изјасни дека е за заеднички настап со опозициските партии од албанскиот блок кои се обединети под името Европски сојуз за промени. Дел од него се Билал Касами (Беса), Африм Гаши (Алтернатива) и Изет Меџити (Демократско движење) кој до пред неполна година беше функционер во ДУИ

„Мојот став секогаш ќе биде дека АА треба сама да оди на избори. Самостојна бидејќи во минатото Алијанса за Албанците беше издадена од сите овие политички партии каде господинот Таравари преку лично мислење сака да ја носи партијата во коалиција“, рече Села.

За можното враќање на чело на партијата, тој посочи оти тоа не е предмет на негова лична желба туку за тоа одлучуваат партиските органи. Со сличен одговор настапи и за тоа дали сепак е можно коалицирање со ДУИ.

„Толку важни одлуки за коалиции не се прават преку Фејсбук статуси и јавни дебати туку се зборува со членството на партијата, со потесното членство на претседателството и после се носи одлука во Централното собрание без да се излезе и да се направи шоу на социјалните мрежи“, рече Села.

Она за што беше категоричен, а што очекува да биде дел и од партискиот став е во преговорите по изборите, без разлика кој ќе биде мандатар за формирање нова влада, да се бара „прво да се случат уставните измени, па после да се оди на формирање влада“.

Несогласувањата околу тоа како треба да се позиционира партијата за претстојните парламентарни избори изминатите денови донесоа и физички напади помеѓу двата табори, како и оставање куршум во дворот од куќата на Арбен Таравари во Гостивар.

Таборот на Таравари, кој го бојкотираше денешното Центално собрание, во четвртокот (8 февруари) одржа консултативен состанок на истото партиско тело, но во Куманово. Од околу 130 членови, тогаш тврдеа дека на состанокот присуствувале 75. Од крилото на Села, пак, собирот во Куманово го оценија како нелегитимен потенцирајќи дека на состанокот имало помалку од 40 членови, а не 75.

Жестоките конфронтации доведоа и до разрешување на двајцата министри од АА кои го поддржаа Таравари – Фатмир Меџити кој го предводеше Министерството за здравство и Азир Алиу кој беше на чело на Министерството за информатичко општество и администрација.

Премиерот на техничката влада Талат Џафери објаснувајќи го предлогот за разрешување рече дека не ги спори нивната стручност и професионалност туку „според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето“.

Меџити и Алиу беа разрешени синоќа пред полноќ, на 9 февруари, а нивните наследници на функциите се очекува да се изберат в понеделник, 12 февруари. Предложени се кадри од крилото на Зијадин Села – актуелниот директор на тетовската болница Илир Демири за министер за здравство, а Наим Бајрами кој е магистер по политички науки за министер за информатичко општество и администрација.

 

извор: slobodnaevropa.mk