Владата на Зоран Заев презеде обврска до денешниот ден, 12 февруари 2024 година, да изврши промена на личните документи на граѓаните со нови, со новото службено име на државата – Република Северна Македонија.
Граѓаните на оваа земја не презедоа таква обврска. Не. Таа им беше наметната.
Да повторам уште еднаш, за да нема никакви дилеми: таква обврска презеде владата на Заев, а ја наследи владата на Димитар Ковачевски.
Наместо веднаш да пристапи кон масовна, навремена и организирана операција на замена на личните документи уште во првите години, владата на СДСМ одлучи да го излаже народот. Верувајќи дека лагата навистина има кратки нозе, но тие не се гледаат зад говорницата.
Во официјална изјава на говорницата во владината прес-сала, тогашниот владин портпарол Миле Бошњаковски ги извести граѓаните дека патните исправи ќе траат до истекот на нивната важност. Таа изјава вчера повторно беше лиферувана на социјалните мрежи, за да се потсетиме на таа груба и опасна манипулација.
За да се реализира масовната измама, а бездруго и со намера и понатаму да се издаваат (да се продаваат, всушност) обрасците со старото име на државата, во пасошите беа ставани печати со новото име. Потоа така патувавме некое време. Бевме среќни и наивно верувавме дека сме завршиле работа.
Покрај многуте лажни ветувања дека старите лични документи ќе бидат во правен промет до истекот на нивната важност, тие испечатирани пасоши се материјален доказ дека владите на Заев и на Ковачевски свесно ги доведоа граѓаните во заблуда дека таквите лични документи ќе важат и после 12 февруари 2024 година.
Во последните неколку дена граѓаните беа соочени со вистината – сите лични документи мора да го носат името Република Северна Македонија за да бидат важечки!
А да биде безобразлукот поголем, владината пропаганда сега им се заканува на изманипулираните граѓани со казни и ги обвинува дека самите се виновни што чекале и што верувале во шарените лаги дека има некакво значење тоа што државата напишала рок на важност во секој издаден личен документ.
Другарчиња, нема друго име за таквото поведение на владите на Заев и на Ковачевски освен – криминал!
Со оглед на бројот на луѓето засегнати од начинот на кој тие две влади безобразно ги излажаа и им нанесоа материјални штети, слободно можеме да кажеме дека станува збор за криминал од грандиозни размери.
Еден ден некој за овој криминал ќе мора да одговара!
И затоа, јас велам дека не е потребна ниту една друга причина народот на овие избори жестоко да го казни СДСМ. Доволна е само оваа измама. Доволен е овој хаос што го направија, свесно и со зла намера.
Не дека нема многу други причини оваа власт да доживее изборен дебакл. Напротив. Впрочем, не е случајно тоа што избирачите во сите анкети оценуваат дека државата се движи во погрешна насока и дека е потребна промена на кормилото.
Но, време е нашите политичари еднаш засекогаш да научат дека довербата на народот тешко се стекнува, но лесно се губи. Понекогаш само еден погрешен чекор го дели човек од фатален пад во бездната.
Затоа, за мене 12 февруари 2024 година е крај на изборната битка. Пред официјалниот старт на кампањата. И тоа само поради оваа брутална измама на граѓаните.
СДСМ на Димитар Ковачевски и нивниот кандидат за шеф на државата немаат што да бараат на овие избори.
Немаат важечка дозвола да се натпреваруваат.
Со нив на чело, Македонија веќе не личи на држава. Од неа тие направија – пачавра.
Денеска, 12 февруари 2024 година, илјадници граѓани без важечки лични документи, ги дискфалификуваат.
Ги прогласуваат за умрено.
plusinfo.mk