Американскиот претседател, Џо Бајден, изјави дека вчера разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Израел не би требало да продолжи со својата воена операција во Рафа на југот од Појасот Газа без план да ја осигури безбедноста за луѓето, известува Анадолу.
Бајден и Нетанјаху телефонски разговарале за напорите да се обезбеди ослободување на сите преостанати заложници што ги држи Хамас, се вели во соопштението објавено од Белата куќа.
Телефонскиот повик следуваше во момент кога израелската војска планира да започне копнена офанзива во Рафа, дом на повеќе од милион Палестинци кои таму побараа засолниште од војната. Тел Авив со оваа операција планира да ги порази, како што ги нарекува, преостанатите „баталјони на Хамас“.
Планираната офанзива предизвикува загриженост поради хуманитарната катастрофа во Рафа.
Во соопштението на Белата куќа се вели: „Бајден повика и на итни и конкретни чекори за зголемување на протокот и доследноста на хуманитарната помош за недолжните палестински цивили. Тој повторно го потврди својот став дека воената операција во Рафа не би требало да се продолжи без кредибилен и изводлив план за осигурување на безбедноста и поддршката за повеќе од милион луѓе што таму се засолнети.“
Бајден потврди и дека „заедничка цел е Хамас да биде поразен“ и да се обезбеди „долгорочна безбедност на Израел и неговиот народ“.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Во нападите на Израел, кој е обвинет за геноцид, за 128 дена во Појасот Газа се убиени 28.176 Палестинци.
Извор:Анадолу.
фото:Анадолу.