ФЗО: Леонид е на рехабилитација, а не на лекување во Виена, затоа барањето е одбиено

Леонид е на рехабилитација, а не на лекување во Виена, затоа барањето е одбиено, соопшти Фондот за здравствено осигурување, откако денеска таткото на Леонид се пожали дека барањето за лекување на синот е одбиено.

18-годишниот Леонид Индов пред две недели со специјален хеликоптер од Скопје беше пренесен во Виена на лекување. Тој минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, Калитеа при што го повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен, па дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите.

„ФЗОРСМ решенијата за остварување на права од задолжително здравствено осигурување на осигурените лица ги донесува согласно законските прописи и правилници.

Барањето на осигуреното лице Б. И. од Скопје, за неговото дете Л.И. за упатување на лекување во странство се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување. Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Македонија со кои склучил договор.

Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Под истите услови се користат во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Македонија, се вели во соопштението испратено до медиумите.

Според одредби од Правилникот за начинот на користење на болничкото лекување на осигурените лица во странство, осигуреното лице на кое клиничкиот конзилиум од соодветната Универитетска клиника во Скопје му издал предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на специјализирана медицинска рехабилитација, како што е и во конкретниов случај, нема право на надомест за трошоците на товар на Фондот“, велат од Фондот во писмено соопштение испратено до медиумите.

Според сето ова, Фондот и лекарските комисии одлуката за осигуреникот Л.И. ја донеле во согласност со горенаведените законски прописи, се вели во соопштението на ФЗОМ.

За ова денеска реагираше заменик народниот правобранител, Јован Андоновски, велејќи дека државата си игра со човечки живот.

Откако претставници на државни институции се испофалија дека младиот Леонид е транспортиран со специјализираниот хеликоптер на лекување во Виена, следува шок за него и семејството. Леонид веќе е неколку недели на лекување во Виена. Фондот за здравство и покрај конзилијарното мислење дека лицето мора да се лекува во странство, носи решение со кое се одбива барањето! При тоа, во решението воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија. Државата си игра со човечки живот. Барам ФЗО да ја преиспита одлуката, вели Андоновски.