Војна во Украина: Руската економија подобра од прогнозите

Минаа две година од почетокот на руската инвазија врз Украина и постои едно нешто за кое економистите се согласуваат – дека руската економија не пропадна. А, токму таков исход многумина предвидуваа кога ЕУ, САД и другите воведоа санкции без преседан по инвазијата врз Украина во февруари 2022 година. Сега дебатата за руската економија во западните престолнини се води со малку потрезвен тон. Малку кој ја доведува во прашање нејзината отпорност. Несогласување постои околу тоа колку се цврсти темелите за актуелните економски показатели во земјата. Меѓународниот монетарен фонд неодамна прогнозираше дека БДП во Русија годинава ќе порасне за 2,6 проценти, што е голем раст во однос на октомвриската проценка. Во 2023 година растот изнесуваше повеќе од 3 проценти, а во меѓувреме приходите од нафта повторно растат, а невработеноста е на историско ниско ниво.

Сепак и натаму постојат сомнежи. Кремљ ги зголеми издатоците за одбрана до таа мера што годинава за таа цел ќе бидат потрошени 40 проценти од сите буџетски расходи. Тоа е воена економија, и тоа опасно прегреана, како што оценуваат експерти.

Постои се поголем недостиг на работна сила, а високата инфлација се задржа. Санкциите исто така продолжуваат да нанесуваат штета, посебно затоа што западните лидери бараат и нови начини да нанесат удар на потрошувачката моќ на Москва.

Како Русија преживеа и напредуваше
Елина Рибакова, економист на Петерсоновиот институт за меѓународна економија за ДВ вели дека постојат три главни причини зошто руската економиоја толку добро се одржа. Првата е дека рускиот финансиски систем бил доволно подготвен за првиот бран на банкарски и финансиски санкции кои го погодија во првите неколку недели, со оглед на тоа дека беше во режим на реагирање на криза уште од 2014 година по случувањата на Крим. Втората причина е што Русија забележа огромна заработка од продажбата на нафта и гас во 2022 година затоа што западните сили премногу бавно реагираа за спречување на извозот, дури и откако цените по инвазијата скокнаа.

 

DW