„Трамп картички“ зад кои стојат група луѓе од малото гратче Велес

0
105

Ен Братон од САД мислела дека нашла инвестиција во која ќе вложи шест илјади долари и ќе заработи четири милиони. Не ни насетила дека зад огласот за купување „Трамп картички“, поради кој изгубила илјадници долари, можно е да стои група луѓе од малото гратче Велес во Северна Македонија, кој веќе стекна неславна репутација по користењето на името на поранешниот претседател на Америка.

„Задолжително пишете за да ви бидат дадени конкретни упатства како да ги измамите Американците“, е една од пораките на македонски јазик од затворениот Телеграм канал до кој може да се пристапи само со одобрение на администраторот, а во кој има продавачи од Велес.

По неколкумесечно истражување и инфилтрација во затворени групи на платформата Телеграм, Радио Слободна Европа (РСЕ) идентификуваше 69 луѓе кои создадоа лажни понуди за продажба на дебитна картичка со ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп (Trump). Новинарите пронајдоа и 88 веб-страници кои беа активни во моментот на пишување на истражувањето, преку кои се нудат различни производи на, како што е посочено, „американските патриоти“.

Бројот на продавачи кои комуницираат со клиентите можно е да е многу поголем, бидејќи неколку затворени канали на Телеграм имаат во просек по околу 300 членови.

РСЕ испрати неколку мејлови до прес-службата на кампањата на Доналд Трамп, прашувајќи дали се запознаени со шемите за измама со картичките со ликот на Трамп и дали планираат да преземат некаква акција во врска со ова прашање. До објавувањето на овој напис, одговор нема.

Велес, кој има нешто повеќе од 45.000 жители, стана познат пред американските избори во 2016 година, кога светските медиуми открија дека во него се креирани повеќе од 100 политички веб-страници, каде се споделуваа лажни вести, кои ја фаворизираа политиката на Доналд Трамп.

 

 

slobodnaevropa.mk