Арсовски: СДСМ – најсигурен пасош за пропаст

Како вчера да беше 2016 година, кога на огромни билборди низ цела Македонија ветуваа влез на Македонија во Европската Унија.

Како вчера да беше 2016 година, кога ветуваа бесплатно здравство и нов Клинички центар.

Како вчера да беше 2016 гиодина, кога ветуваа пари за граѓаните, наместо луксуз на функционерите.

Ветуваа и независно судство и правосудство.

Ветуваа, ветуваа и потоа се премислија.

Се премислија дека не ветуваат влез во ЕУ на Македонија, туку почнаа да ветуваат влез во ЕУ на северната. Ниту првата, ниту втората не влегоа во ЕУ, а богами лоповлукот и криминалот на власта им зеде данок на граѓаните за влез.

Патем, кој би сакал во ЕУ со такви лопови да седи на маса и да ги прими?

Замислете, ветуваа цел план за живот. Од тој живот што го ветуваа, единствена асоцијација за него е еден стих од големиот Рацин, од песната Денови, кој вели вака: „Ај, пусти да е, пуст да би останал живот кучешки!“

И не е така далеку 2016 година, сѐ се памти.

Реално, за овие 7-8 години кои поминаа, државата и граѓаните ги чинат 70-80 години, бидејќи толку нѐ вратија назад. Сѐ што стекнаа илинденците и асномците пред 70-80 години, овие за 7-8 години прокоцкаа за кило бифтек, службено возило и службени картици за трошење од народни пари. Богами некои и за тендери, ама ај тие ќе одговараат, кога ќе дојде време. Некои нивни дедовци во гроб се превртуваат од штетата што ја направија.

Деновиве, покрај сите 1.357 глупости на неутешно-неспособнава власт, прилично жално актуелен е случајот со малиот Лео. И ќе замолам да ми простат што ќе го спомнам во оваа колумна, но случајот со Леонид Индов е класичен епилог на ултра неспособната номенклатура на власт.

Еве, размислете, ама навистина навратете се наназад, дали некој од власта го спомена малиот Лео? Дали го спомена сега, кога му е неопходна помошта? Кога се сликаа да прават ПР на неговиот случај, кога го транспортираат со државен хеликоптер? Мислиш од дома го донеле овие од власт, а не дека им е обврска да го сторат за секој еден граѓанин на оваа држава и даночен обврзник. Тогаш без срам пред јавност глумеа херои небаре во нивна милост е, а не тоа да им е должност. Се сликаа, мафтаа, го испратија и тука заврши нивната обврска. Барем тие така мислат.

Ете, тоа е власта на СДСМ.

Кога дојде редот да ја завршат целата хумана работа, која им е обврска и должност, ги снема. Занемеа. Оглувеа. Маричиќ, како член на Владата, најверојатно уште не знае за случајот, изгледа уште доџвакува од бифтекот.

Груби секако не слушнал за случајот на малиот Лео, човекот гради траса, мисли на милијардите. Што има он да мисли на еден млад човечки живот?

Овие од здравство не слушнале, затоа што уште се разрешуваат, па не знаат кој им е министер.

Бочварски нека види некој дали е во државава, можно е и да добил азил во Африка, а никој да не забележал дека сме без министер. И онака никој жив го нема ниту видено, ниту чуено што работи.

Да не ги редам сите – Славјанка, Каја, Оливер, Љупче Путер, Бисера и останатите. Ама никој од нив не мрдна со прстот. Едноставно, го игнорираат проблемот веќе десетици денови.

Нормално, Ковачевски. И него го нема. Одмора од мрза. Две години го мрзеше што е премиер. Најверојатно уште се дере прогласувајќи некаква победа, мисли дека победил затоа што поднел за апанажа и ќе живее како штетник уште година дена на грб на народот. На народот на кој не му пружи ништо, само му зема. А можно е и да пие кафе по кафичи на прво сонце, како што кажа г-динот Азески, па да нема време да се позанимава со случајот на малиот Лео.

Е па луѓе, од овие ли ќе чекаме да го решат лекувањето на Лео? Не. Овие гледаат само за себе.

Среќа што нивната нечовечност ја зајакнува човечноста на народот и го сплотува во вакви случаеви. 140.000 евра се потребни за лекување, да се даде надеж во животот на едно младо дете кое е на прагот на својот живот. Еве, замислете пак, 140.000 евра се само два гранта од Фонд за иновации. Едниот на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети кој зема 80.000 евра грантови со неговите фирми, вториот 60.000 евра грантот што го зема фирмата за гаќи од Велес што е главен надзор на автопатот на Груби. Наместо тоа, собира пари цел народ, донираме кој колку може, артисти продаваат награди, широкоградни луѓе ги продаваат своите помошни инструменти за движење, инфлуенсери прават цели кампањи, само за да се собере сумата за лечење. И секоја чест на сите, сите се за поклон. Од еден несреќен случај, се виде целата нечовечност, неукост, нестручност и незаинтересираност на власта за народот.

Туку, партијата и функционерите пред 8 години што изградија рејтинг врз болест на едно мало девојче дека не бил финансиран случајот од државата, нека почива во мир, не ли им е срам што се глуви и неми сега? Не ли ви е срам да ве прашам сите до еден? Па не ви е, да имавте срам немаше да биде вака.

Среќа, 8 мај е блиску. Вас од власта ќе ви останат спомени од јадењето на државна сметка, возењето во службени коли, лежењето и спиењето во функционерските фотељи, а на народот ќе му остане горчина и бес спрема вас што ги прелажавте, вративте 70-80 години назад и ја ограбивте цела држава. Како и да е, тоа што не е ваше ќе го вратите на народот, нема да ви простиме, тоа што сте краделе ќе одговарате. Тоа е правилно и тоа бара народот. Така и ќе биде.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш ја има најтешката задача после СДСМ, да ја крене повторно Македонија, да ја врати надежта во народот, да ја изгради од темел повторно Македонија, затоа што СДСМ кога владее руши до темел, што и се гледа. Нас тоа ни е јасно како бел ден и секако имаме план и знаеме како. Тоа се виде и по работата на општините, тоа ќе се види на дело и после 8 мај. Немаат начин 140.000 евра да обезбедат за лечење на дете кое што со камери го испраќаа со хеликоптер на лечење. Срамота е бе луѓееее, што би рекол еден нивен што исто ќути сега.

За крај, деновиве сѐ некако се присетувам на големиот Горан Стефановски. Вели: „На слободата треба да се сетиш. Ние постојано ја забораваме, и сè некој друг ни е виновен.“

А од она што јас го гледам, Народот веќе се сетил на слободата колку е најважна откако СДСМ нѐ притвори цел народ во еден ден со прекин на важноста на пасошите и нѐ зароби во ова парче земја. Од влез во ЕУ, испадна нема ниту излез од Македонија. Ете тоа е СДСМ – најсигурен пасош за пропаст. Пак ќе кажам, 8 мај е блиску, ќе заврши целата агонија и пасошот за пропаст наречен СДСМ ќе отиде во неповрат како годините кои нѐ упропастија и нас и државата.

 

колумна на Димче Арсовски