Со судска пресуда се отвара патот сите судии, над 650 на број во државата, да добијат регрес за годишен одмор во износ од 27.000 денари и со тоа и да го испразнат буџетот на Судскиот буџетски совет, алармираат од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Според нив, Апелациониот суд Битола на 23 јануари преиначил пресуда на прво степен суд и одлучил дека судија од Основен суд Битола треба да добие регрес за годишен одмор за изминатите три години во износи од по 9.000 денари за секоја година, со законска казнена камата. При носење на пресудата, Апелациониот суд Битола посветил големо внимание во толкување на Гранскиот колективен договор и заклучил дека иако судијата е избран функционер, тој е вработен, треба и мора да добие регрес за годишен одмор – токму по одредбите на Гранскиот колективен договор.
„Да се земе се што се може“
„Гранскиот Колективен договор се однесува само на вработените, а не на функционерите, но со оваа одлука на Апелациониот суд Битола им се отвора патот на сите функционери, избрани или именувани да добијат регрес за годишен одмор, нека е честито. Очигледно не беа доволни 78%, па да се земе дур се може и тоа што треба и тоа што не треба“, реагираат од Синдикатот.
Судскиот буџетски совет на седница одржана на 26 февруари, по точка 4 од дневниот ред, го разгледал и усвоил барањето на судот за исплата на регресот, иако Комисијата за следење и измени и дополнувања на Гранскиот колективен договор, на 18.08.2021 година има донесено заклучок дека функционери во законодавната, извршната или судската власт не смеат да се сметаат за вработени согласно Гранскиот колективен договор.
„Апелациониот суд од Битола решил да донесе пресуда против здравиот разум и правните норми и да им овозможи на над 650 судии во државата да добијат по 27.000 денари за три години неисплатен регрес“, велат од УПОЗ.
Различни аршини
Ваквото толкување на Апелациониот суд Битола, според синдикатите, значи дека сите функционери (премиер, министри, заменици министри, пратеници, градоначалници, директори) иако се функционери, ќе треба да добијат регрес за годишен одмор, бидејќи по законските прописи во Македонија, сите функционери се вработени во државните институции и таму им тече стаж.
„За вработените кога се распишани избори не смеат да се исплаќаат додатоци и надоместоци на плата, бидејќи истото се смета за корупција, за судиите очигледно не важат истите правила, впрочем сами си ги пишуваат“, велат од УПОЗ.
Одлуката со која се отвара патот за исплата на регрес за три години доаѓа во период на засилен притисок за зауздување на функционерските плати и обид да се спречи нивно повторно зголемување. Во тој контекст, пратеничката група на СДСМ во вторникот (27.02) поднесе измена на шест закони со кои се регулираат платите на сите избрани и именувани функционери. Со измените на законите постоечките коефициенти на плати се намалуваат со што платите на сите избрани и именувани функционери нема да пораснат.
Бидејќи Уставниот суд ја укина фиксната основица, според нив, ова е единственото уставно решение. Со овие законски измени се опфатени 1.060 пратеници, министри, директори, градоначалници, судии, обвинители, сите избрани и именувани лица.
Најдобро можно решение
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека треба што поскоро да се донесат законските измени за платите и оценува дека тоа е најдоброто можно решение во моментот. За платите на функционерите кои се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, ако нема можност да бидат опфатени со владина одлука, предлага тоа да го направат управните и надзорните одбори.
„Мојата порака ќе биде до сите директори согласно нивните надлежности, нивните управни и надзорни одбори, ако Владата не е во позиција да донесе одлука заради членот 8 а којшто произлегува од Изборниот законик, тоа да го направат самите“, рече денеска Битиќи на РЕДИ Самитот 2024.
DW