Тешки телесни повреди има 53-годишниот Д.К. од Росоман кој го возел автомобилот „фиат пунто“, како и 21-годишниот С.П. кој бил сопатник во автомобилот „пежо“
Во сообраќајната несреќа што утринава се случи на регионалниот пат Кавадарци – Росоман, кај селото Манастирец, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Тешки телесни повреди има 53-годишниот Д.К. од Росоман кој го возел автомобилот „фиат пунто“, како и 21-годишниот С.П. кој бил сопатник во автомобилот „пежо“.
„Денеска во 06:48 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на регионалниот пат Кавадарци – Росоман, во близина на село Манастирец, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило ’фиат пунто’ со неготински регистарски ознаки, управувано од Д.К. (53) од Росоман и патничко возило ’пежо’ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од И.Д. (23) од Росоман. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Д.К. и С.П. (21) од Росоман, сопатник во возилото ’пежо’, додека со телесни повреди се здобил возачот И.Д., констатирани во болницата во Кавадарци“,
се вели со полициското соопштение.
Оттаму додаваат дека увид на местото на сообраќајката извршила екипа од ОВР Кавадарци.
За сообраќајната несреќа утрово информираа од Територијалната противпожарна единица Кавадарци од каде што рекоа дека откако била добиена пријава веднаш излегле на терен со осум пожарникари, две возила за техничка интервенција, а присутно било и амбулантно возило.