Минималната плата ќе оди нагоре, ќе растат ли и цените?

Од 1 март дел од граѓаните се надеваат на повисока минимална плата, но во исто време и стравуваат од нов ценовен шок, кој би можел преку ноќ да ја „изеде“ минималната корекција на платите.

Откако Министерството за економија најави дека до 1 март повеќе нема да биде на сила мерката за гарантирани цени, стравувањата се дека повторно би можеле неконтролирано да рипнат цените на основните производи. Министерот за економија Крешник Бектеши спасот го гледа во носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој, според него, ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека не му е јасно зошто овој закон кој е во собраниска процедура се уште не е донесен. Повика да се изгласа законот за нефер трговски практики, а ако има потреба да реагират и Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачите. Најавува дека од петок инспекторите ќе бидат на терен и се надева дека ќе проработи совеста кај трговците да не ги зголемуваат цените. Замрзнувањето на цените, според него, е мерка која што повеќе не е одржлива.

Инспекторите на терен
Пазарните и трудовите инспектори од петок ќе бидат на терен. „За секое евентуално зголемување на цени што излегува од секоја нормална пазарна логика соодветно ќе реагираме“, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Според него, секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни на најсериозен начин. „Во државата освен добивање бизнис и креирање профит мора да имаме морал и етика кај компаниите. Замрзнувањето на цената е една од мерките која не соодветствува со пазарната економија, треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, а секако останува за бизнисмените и тие да се однесуваат соодветно“, изјави Битиќи на РЕДИ самитот 2024 во Скопје.

Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи во декември лани, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата и доставен до Собранието.

Ќе се почувствува ли порастот на минималната плата?
Од март 2024 година, минималната плата во Македонија треба да се зголеми за 12,55% и ќе изнесува 22.500 денари. Ова е дел од новата методологија за усогласување на минималната плата, која е донесена во 2022 година и која зависи од трошоците за живот и просечната плата во земјата.

Поранешната министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на почетокот на годината изјави дека зголемувањето на минималната плата ќе има позитивен ефект врз стандардот на граѓаните и ќе ги поддржи најслабите категории на работници. Минималната плата во Македонија е една од најниските во регионот. Со нејзиното усогласување целта е да се достигне европскиот просек.

„Ако до 2017 година минималната плата беше до 9.000 денари, таа изнесува изнесува 20.175 денари, а со усогласувањето во март се очекува минимална плата од 22.500 ден“, изјави во јануари годинава Тренчевска.

Со ваквото усогласување, според најавите не се очекува да бидат опфатени и функционерите, на кои со одлука на уставниот суд лани платите им беа зголемени за 78 проценти. Со измени на шест закони се прават напори да се спречи нивно повторно зголемување.

Усогласување на пензиите
Техничкиот министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски информираше дека е направена пресметката и за усогласувањето на пензиите, со кое ќе има статистичко покачување за 5 проценти.

„Добиени се сите податоци од статистика, веќе е направена пресметката. Ова статистичко покачување од пет проценти пензионерите ќе го добијат како дополнување на нивните пензии“, изјави Велковски на РЕДИ Самитот 2024 во Скопје.

Во согласност со новата Методологија, усогласување на износот на пензиите се прави двапати годишно во март и во септември, врз основа на податоците од Државниот завод за статистика за трошоците на живот и просечната плата.

 

 

DW