Замрзнувањето на цените мора да биде на сила подолго време. Не смее паралелно да се зголемуваат ни ДДВ-то, ни цените на струјата или парното, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, објави dw.com.
Македонската економија годинава, но и наредните две ќе има скромен економски раст, најнизок меѓу земјите од Западен Балкан, што дополнително ја оддалечува земјата од европскиот просек. Ова го покажа најновиот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан. Светска банка ги намали прогнозите за раст на домашниот бруто производ годинава на 1,8 отсто, што е за 0,6 процентни поени помалку во однос на пролетниот извештај. Додека владини претставници уверуваат дека економските мерки и политики даваат резултати и доведоа до едноцифрена инфлација, експертите сметаат дека Светска банка дури била и оптимистичка во прогнозите, бидејќи земјата е во криза иекономската состојба не е воопшто добра.
„Нема ништо ново, нити неочекувано, во проекциите на Светска банка. Тие само го констатираат она што е повеќе од очигледно – дека економската состојба во државата не е добра. Јас би кажал дека Светска банка дури е и оптимистичка – прогнозира раст од 1.8% за оваа година, а 2.5% за следната, додека нашиот институт има 1.6% за оваа и 2% за следната. За инфлацијата исто така се на оптимистичната страна, со проекција од околу 9% за оваа година, додека ние прогнозираме 10%“, вели за ДВ, д-р Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Но, и покрај овие мали разлики, тој вели дека пораката и двете проекции е иста – дека земјата е во криза. Смета дека тоа донекаде е последица на глобалното забавување и инфлација, но во голема мера е последица и на грешките на владата во еконономската сфера.
Тешка битка со инфлацијата
Според Светска банка, најголем раст од 4,8 проценти годинава се очекува да има Црна Гора по што следи Албанија со 3,6, Косово со 3,2, Босна и Херцеговина со 2,2, Србија со 2. Прогнозите за Северна Македонија за економскиот раст се 1,8 проценти, во 2024 година се очекува раст од 2,5, а во 2025 година раст од 2,9 проценти. Просечниот раст на земјите во Западен Балкан годинава се очекува да изнесува околу 2,5 проценти.
Според Јовановиќ, инфлацијата во Северна Македонија е меѓу највисоките во регионот, што се должи на неконзистентните мерки кои ги преземаше владата. „Де ги замрзнуваше цените, де ги одмрзнуваше, де го покачуваше ДДВ-то. На секој чекор напред, Владата правеше два назад, а инфлацијата не се совладува така“, посочува експертот.
„Кога инфлацијата е околу 10%, а не сакате да ги зголемите платите, пензиите и социјалните трансфери, не може да очекувате ни економски раст. Просто е – нема што да го донесе тој раст. Луѓето немаат пари да купуваат, а и фирмите се воздржуваат од
инвестирање, бидејќи знаат дека нема кој да им ги купува производите“, додава Јовановиќ за ДВ.
Најлошото од сѐ, според него е, тоа што овие 1.8% или 1.6% раст ќе ги осетат само мал број на луѓе во државата. „Доколку сите имаат раст на реалните примања од 1.6%, би било супер. За жал, најголем дел од луѓето ќе имаат влошување на нивната материјална состојба, а само мал дел ќе имаат подобрување, и тоа енормно. Минатата недела објавивме една студија која покажува дека бројот на сиромашни во државата може да порасне и до 50% поради поскапувањата, и тоа е просто застрашувачки“, посочува нашиот соговорник.