Цената на парното за деловните корисници се намалува за 35%

За околу 35% ќе се намалат февруарските сметки за топлинска енергија за училиштата, деловните корисници, јавните институции одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).

Од РКЕ информираат дека пониски сметки за парно ќе добиваат околу 1 200 потрошувачи приклучени на централно градско греење на ЕСМ снабдување, ЕСМ Енергетика, Скопје Север

-Овие корисници трошат 20% од потребните количини на топлинска енергија на ниво на Град Скопје и меѓу нив се образовни институции, деловни корисници: мали дуќанчиња, компании, банки итн. Вонредната одлука доаѓа по сеопфатна длабинска вкрстена анализа на актуелните цени на берза и прогнозираните цени на приодниот гас. Резултатите покажаа дека во изминатиот период цената на природниот гас на берзата е пониска од предвидената со што се исполнуваат условите да се донесе поволна одлука за категоријата останати корисници, кои пак во турбулентниот период на енергетската криза го преземаа товарот и добиваа реални сметки. За разлика од домаќинствата, кои во цел овој изминат период на енергетска криза добиваа сметки со субвенции, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Вкупно 65 000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија, а само од старт на грејната сезона до сега приклучени се околу 1000 нови корисници.