Претседателот ја извршува својата функција врз основа на Уставот и пред се, во делот на одбраната врз основа на Законот за одбрана, значи позитивното право, важечкото право, меѓутоа ја извршува и врз основа на одредени обичајни норми, обичајни правила кои што се создавани во текот на времето како пракса, вели пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната панел дискусија на тема „Претседател кој се грижи за одбраната и стратешките интереси на државата“ на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, која се одржува во Македонска Филхармонија.
Ковачки посочи дека тој не се согласно со тврдењата дека претседателот има само церемонијална улога, затоа што мисли дека во делот на одбраната и во надворешните работи претседателот и тоа како има своја надлежност.
Тој посочи дека во делот на креирањето на одбранбените политики, во делот на професионалните стандарди за армијата, претседателот ја има клучната улога, а ние изминатите пет години ние немавме татко на нацијата, но немавме ниту врховен командант.
„Човекот кој што моментално ја окупира позицијата на водно е залутан на таа позиција и воопшто не си ја познава својата должност. Пет години, така речено, ги преспа на таа позиција. Затоа што за да водите одбранбена политика, треба да ја базирате својата политика на одредени документи, тие документи стратешки се престари, значи толку се застарени што, еве ќе направам една споредба, Концепцијата за национална безбедност и за одбрана е донесена 2003 година од владата, додека стратегијата за одбрана е донесена 2019 година пред нашето зачленување во НАТО. Значи ние веќе сме членка на НАТО пет години, а имаме стара стратегија во која што пишува дека сакаме да се придружиме на НАТО. И сега, ако го земете овој дво децениски период во кој што од 2003 до 2024 година колку работи се случија, имаме промена на состојби, имаме промена на закани, а имаме стара концепција“, истакна, меѓу другото, Ковачки.
Претседателот на државата не може да биде успешен ако нема успешни дипломати, амбасадори кои се главната алка во дипломатската мрежа. За жал ние во овој изминат период видовме сериозни грешки кои беа направени на штета на Република Македонија, а актуелниот претседател пасивно набљудуваше или некои и ги одобри, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Милошоски посочи дека од земја која пред десетина години имаше претседател на 62 Генерално собрание на ОН во Њујорк што беше голем дипломатски успех и признание од другите членки дека Македонија може да се носи со тој предизвик, денес паднавме на толку ниско ниво да Македонија во ОН во Њујорк ја претставува амбасадор кој е непожелна личност да биде амбасадор на Македонија во Вашингтон и тоа е голем неуспех.
Пендаровски дозволи Македонија во Вашингтон 4 години да нема воопшто амбасадор и тоа се пропуштени шанси, информации, пропуштена можност за претставување, за размена на безбедносни и класифицирани информации важни и за сигурноста Македонија и НАТО, пропуштена можност за економска и билатерална соработка. Тоа се случи затоа што СДС и ДУИ се надмудруваа кој треба или не треба, односно кој на кого му е најблизок, па откако не успеаја со Фрчковски, се одлучија на втора варијанта на задна врата го испратија во ОН, организација која има седиште на територија на САД и тоа е понижувачки за Македонија, изјави Милошоски.
Милошоски истакна дека идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова заедно со влада ќе треба да направи брзи консултации за ревизија на дипломатската мрежа и една од првите одлуки треба да биде отповикување на амбасадорот Фрчковски.
извор: ВМРО ДПМНЕ