Отворена нова база на НАТО во Албанија

0
88

Во Кучово, Албанија на 4 март официјално беше отворена воздухопловната база на Северноатлантскиот сојуз.

Албанија, членка на НАТО која нема свои борбени авиони, отвори реновирана воздухопловна база од времето на комунизмот за да им служи на авионите на НАТО поради зголемената закана од Русија, рече премиерот на земјата Еди Рама.

Албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, изјави дека базата во Кучово ќе биде стратешка точка за операциите на НАТО и за одбраната на мирот.

„Од источниот фронт се очекува сè. И ние мораме да бидеме подготвени да се браниме со единствената победничка формула што е пред нас: обединување на нашите одбранбени сили и капацитети“, истакна Пелеши.

Активностите за реконструкција на базата започна во јануари 2022 година. НАТО инвестираше околу 50 милиони евра, а албанската влада повеќе од пет милиони евра.

„Ова е база која ќе додаде уште еден елемент на безбедноста за нашиот регион на Западен Балкан, за кој сите знаеме дека е регион загрозен од заканата и неоимперијалистичките амбиции на Руската Федерација“, рече Рама за време на инаугурацијата.

Како што порача албанскиот претседател Бајрама Бегаја, во глобалната состојба, за која оцени дека е нестабилна, земјата мора да биде подготвена да се брани и да придонесе за Алијансата.

„Базата Кучов има мисија на заштита и одвраќање, таа е важен центар за операциите на НАТО за справување со денешните и утрешните закани“, рече албанскиот претседател.

На инаугурацијата присуствуваа претставници на НАТО, министрите за одбрана на Турција и Италија, претставници на американската амбасада во Тирана и претставници на албанските институции.

Претставникот на НАТО, генерал Хуан Пабло Санчез Де Лара, за време на церемонијата рече дека Албанија е поподготвена од кога било да преземе одговорност за заштита на безбедноста и мирот.

Отворањето на оваа база го поздрави и претседателот на Косово, Вјоса Османи, која рече дека оваа база на НАТО ќе придонесе за зголемување на безбедноста на Западен Балкан.

Воздухопловната база Кучово е изградена во 1950-тите. Неколку дена пред инаугурацијата, во оваа база беа испратени три беспилотни летала „Бајрактар“, кои Албанија ги купи од Турција.

извор: slobodnaevropa.mk