За два месеци – 120 случаи на голема кашлица во Скопје

За два месеци се регистрирани 120 случаи на голема кашлица во Скопје. Поради порастот на заболените, Комисијата за заразни болести во вторник (5.03) повторно ќе го стави на дневен ред ова прашање. Не се исклучува можноста за воведување на дополнителни мерки како заштита од болеста, која што се шири пред се меѓу невакцинираните деца.

Станува збор за заразна болест, која се пренесува преку бактеријата бордетела пертусис (Bordetella pertussis). Тоа е инфекција преку капки. Патогените се пренесуваат од едно на друго лице на растојание до еден метар при кашлање, кивање или дури и зборување.

И покрај препораките – болеста се шири
Првиот случај беше пријавен на 5 јануари. Откако четирогидишно дете беше хоспитализирано на детската клиника во Скопје, Комисијата за разни болести на средината на јануари прогласи епидемија во главниот град. И покрај препораките за вакцинирање на најмладите и за засилени контроли со цел невакцинирани деца да не се згрижуваат во градинките, бројката на заболени и понатаму расте.

Така, само во периодот од 23 до 29 февруари, за една недела се пријавени 56 нови случаи на голема кашлица, што е двапати повеќе во однос на претходниот неделен период за пријавување. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавен на 1 март, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје, но заболени има и во Струмица и Дебар. Возраста на заболените се движи од 0 до 70 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10-14 години. Од новите 56 случаи, 3 случаи (5,4%) се хоспитализирани (2 деца на возраст под една година и едно од возрасната група од 1-4 години).

На Универзитетска Клиника за детски болести во главниот град, моментално има само едно дете со голема кашлица. „Станува збор за доенче од Куманово, примено на скопската Детска клиника во петокот, а неговата здравствена состојба е стабилна“, вели во изјава за МИА професор Светлана Кочева од Клиниката за детски болести.

Вакцинација како превенција
Од вкупниот број на регистрирани случаи (123), 62,6% од случаите не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од заболените, регистрирани се 27 лица со хоспитализација (22,0%) и тоа 22 (81,5%) од нив се на возраст до 4 години.

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18 јануари досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби, вршат интензивно пребарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир Карпош, Кисела Вода и Центар) се пронајдени 13.184 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 5.056 (38,3%).

Во останатите градови во земјата, пронајдени се 7.143 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 2.164 (30,3%).

Техничкиот министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски неодамна изјави дека приконтролите за вакцинација во градинките, поради епидемијата со голема кашлица, не се констатирани прекршоци. Според него, градинките ја почитуваат препораката за прием на вакцинирани деца.

 

DW