Стружанецот Никола Петрески е единствениот готвач од Македонија кој работи во ресторан со две мишелин sвезди во Виена. Станува збор за
PalaisCoburgResidenz, име кое во Австрија е синоним за врвна храна.
За него во кујна нема граници затоа што патот кон успехот сам си го трасирал уште одамна. Афинитети кон готвење го покажувал секогаш. Аматерски готвел повеќе од шеснаесет години, а професионален готвач е веќе единаесет години. Неговата успешна приказна започнала скромно, во родната Струга, каде немал проблем да се вработи како мијач на садови, да работи се’ што е потребно во ресторани и хотели, истовремено учејќи го занаетот од колегите во Струга.
Си поставил високи цели, а остварувањето барало жртва, посветеност и патувања за стекнување интернационални искуства што денеска му се драгоцени
Во рок од три до четири години ги запознавав и истражував кујните во Австрија, Германија, Хрватска, Јапонија и Чешка. Имав можност да учам и да споделувам искуства со многу успешни готвачи. Сите ние имаме само една тајна-љубовта кон готвењето те прави добар готвач, а неуморната работа и отвореноста да учиш те носи на се повисоко „Хотелот имаше гостин кој беше тука седум дена и ја сакаше мојата храна и декорации. Кога излегов да го запознаам тоа беше менаџерот на хотелот каде што сега работам. Ме покани да бидам гостин на една недела и да покажам што знам. Главниот готвач или газда од ресторанот ви поставува неколку задачи и така го оценуваат вашиот квалитет на уметност, прецизност на состојките и составување на истите. Едноставно храната се почитува и цени, а исто и луѓето кои што работат со тие намирници.“ – вели за Strugaonline Петрески кој на тој начин стигнал во ресторан со две мишелин sвезди.
Австриската престолнина ја избрал за негово место на постојано живеење и работење, затоа што, како што вели, таму се спојуваат три до четири различни кујни базирани на традиционални рецепти, интерпретирани на модерен начин со модерни техники и широк спектар на регионални намирници. Споредувајќи ги Европските земји со Македонија, Никола заклучува дека Македонија за жал бавно напредува во кулинарството. Што се однесува до функционирањето на угостителскиот сектор, според него во Македонија е многу постресно отколку во странство.
„Разликата кај нас и во ЕУ е што нивните традиционални рецепти ги претвараат во сосема друга димензија, а вкусот сепак да биде автентичен за тоа подрачје или земја, додека кај нас многу споро се движиме кон таа насока. Угостителскиот сектор е стресна работа, како и за вработени така и за сопственикот, но тоа тука веќе го нема. Сопственикот на ресторанот е пријател, пред се’ човек! Ние сме како мало семејство. Кујната нема граници секогаш има нешто ново. Тоа не значи дека во Македонија немав позитивни искуства, и таму имав прекрасни колеги со кои и денеска комуницирам и тука сум за се што треба.“ – потенцира струшкиот готвач од светски ранг.
Сезонската свежина и зрелост е предуслов за експлозија на вкусови на кои не им е потребно манипулирање на вкусот и хемиски џокери. На пример, во eсен имаме Бидермаер говедски ролат (инспирирано од Германскиот бидермаер период), Бусквит супа шкампи од богатиот период на гастрономијата на 17-тиот век од Франција. Зборуваме за исклучителен квалитет и остварена визија чии видици постојано се шират. Се’ што научив овде, е клуч што може да ми ја отвори секоја врата.“ – заклучува.
strugaonline.mk