Дваесет месеци затвор за газдата на „Беса Транс“

Дваесет месеци затвор, парична казна и привремена забрана за вршење на меѓународен превоз доби сопственикот на компанијата „Беса Транс“, чиј автобус на 23 ноември 2021 година удри во ограда на бугарскиот автопат Струма, по што се запали. Загинаа 45 патници, меѓу кои и 12 деца.

Пресуда
Пресудата беше објавена денеска (7.03) во Кривичниот суд во Скопје. Сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу покрај затворската казна од една година и осум месеци, ќе треба да плати и казна од 800 илјади денари, а доби и забрана во наредните четири години да врши меѓународен превоз.

Пресудата следи откако обвинителството во септември 2022 година покрена обвинение против Хаџиу за фалсификување лиценца за меѓународен превоз на патници.

Вина
Судијата Ивица Стефановски наведе дека Беким Хаџиу и компанијата за превоз на патници се виновни затоа што во повеќе наврати била употребена лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус.

Беким Хаџиу пред судот се изјасни дека не чувствува вина. Надлежниот обвинител, пак, тврдеше дека автобусот со фалсификуваните документи, во периодот од 10 јануари до ноември 2021 година, дваесетина пати ја преминал државната граница.

Истрагата за несреќата во Бугарија покажа дека главна причина за настанатата катастрофа била брзината со која се движел автобусот, а која не соодвестувала со условите на патот

 

DW